Апел на ветеринарите: Не давајте им коски на вашите миленици, тоа може да биде фатално за нив

|

Претстојната празнична сезона е најлошиот период од годината за ветеринарите.

Многу луѓе им даваат остатоци од печењето, а особено коски на своите кучиња без да знаат колку тоа може да биде опасно за нив.

Ветеринарите предупредуваат дека особено се опасни варените или печените свински и јагнешки коски, како и пилешките и коските од мисирка. Секако и рибите треба да се чуваат подалеку од домашни миленици.

Што се случува кога кучето ќе изеде коска?

Коските може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми кај кучето, па дури и фатален исход за животното.

Кога коските се сварени, поголема е веројатноста да се скршат и да предизвикаат повреди на внатрешните органи на кучето. Посебно се опасни коските од пилешкото, бидејќи се шупливи однатре, па уште повеќе омекнуваат при готвењето, а кога кучето ги џвака, најчесто се делат по должина. Ако кучето ги проголта, овие коски може да му го пробијат хранопроводот, желудникот или цревата.

Освен овие, кучето може да ги има следните повреди:

гушење

повреди на јазикот и устата

скршени заби

сериозни повреди на желудникот и цревата

блокада во тенкото црево или дебелото црево

изгребан и пробушен хранопровод

Ако кучето изеде премногу коски, дебелото црево може да се блокира, а тоа може да се отстрани само со хируршка интервенција. Блокираното тенко или дебело црево е една од најлошите состојби што можеме да ги видиме кај кучињата, која дури и покрај нивно лечење може да заврши фатално за животното.

Што да се прави?

Коските немаат речиси никаква хранлива вредност, а луѓето упорно им ги даваат на животните бидејќи некаде во главата имаат слика на куче кое грицка коска, а тоа е многу погрешно.

Кога станува збор за сирови коски, тие се нешто помалку опасни бидејќи потешко се кршат, но сепак можат да ги оштетат забите, да предизвикаат гушење или други проблеми. Суровите коски се исто така легло на бактерии, па ризикувате вашето домашно милениче да добие ешерихија коли или стомачни проблеми.

Многумина коските ги фрлаат во ѓубре заборавајќи дека кучето во текот на ноќта може да ја преврти кандтата и да дојде до нив.

Ако кучето изело коски, може да се појават следниве симптоми:

повраќање

гадење

летаргија

цвилење

лигавење

задишаност

болки во стомакот

одбивање на храна

Освен коски, на домашното милениче никогаш не давајте му:

сурово месо

грозје, суво грозје и рибизли

пржена и масна храна

мувлосана храна како сини сирења

кромид или лук, праз

солени грицки како чипсот

секаков вид чоколада

Давајте му на вашето домашно милениче само храна наменета за кучиња. Ако сами подготвувате оброци за вашето куче, погрижете се добро да го исчистите готвеното месо од коските пред да заврши како оброк за вашето домашно милениче.