Авионот на Заев принудно слета во Софија

ИЗВОРСкопје24
|

Авионот во кој се наоѓа Премиерот Зоран Заев, враќајќи се од самитот во Давос, вечерва не можеше да слета во Скопје поради снежната бура која ја зафати Македонија.

Како што дознаваме, авионот е пренасочен кон Софија каде треба да слета, а потоа со автомобил да продолжи кон Скопје, каде во тек е состанокот на кој треба да се одлучи дали СДСМ ќе прифати предвремени парламентарни избори.

Во моментов се одржува состанок на Централниот одбор на СДСМ. Стартот на состанокот е закажан за 19 часот и според партиски извори, тој ќе започне без премиерот.

Како што најавија од СДСМ, на дневен ред на состанокот се повеќе точки поврзани со процесот на реформите и интеграциите и членството на Македонија во НАТО и ЕУ, политичката состојба во земјата и други внатрепартиски прашања. Исто така, се очекува Централниот одбор да донесе одлуки поврзани со отпочнувањето на внатрепартиската постапка за избор на кандидат за претседател на државата, како и избор на кандидати за градоначалници во трите општини за кои ќе се одржат локални избори оваа година.

Снегот го отежнува сообраќајот во државава, па така од 16:50 часот патниот правец Велес-Скопје, поточно од наплатна рампа Отовица кон Скопје е затворен за сообраќај, поради расчистување на снег од коловозот.

Од 17:00 часот на патниот правец К.Паланка-ГП Деве Баир, се укинува забраната за движење на тешки моторни возила.

И најнова информација од патиштата низ Македонија е дека кај Плетвар сообраќајот е блокиран.


Инаку придвидувањата на метереолозите се дека вакво нестабилно време проследено со врнежи од снег ќе продолжи:

Денешните ниски температури се чини ќе бидат последниот удар на оваа зима. Студено ќе биде и понатаму но температурите нема да одат толку длабоко под нулата како во последните неколку недели.

Веќе од утре се најавуваат околу 1 степен под нулата минимални температури во Скопје, а од почетокот на идната недела ќе има и денови кога нема да се регистрираат негативни температури.

Тоа ќе биде последица од наоблачувањето кое се очекува од понеделник и кое треба да донесе главно дожд, а само на повисоките места снег. Најтопло до крајот на овој месец ќе биде кон средината на идната недела кога се очекуваат максимални 8 степени, а минималните температури ќе останат над нулата.

Еден исклучително студен ден ќе имаме на крајот од идната недела за кога се очекува преодно разведрување. Доколку се исполнат прогнозите и денот биде ведар, се очекува ноќта температурата да падне и под минус 15.
Но ваквата состојба според синоптичарите нема да се задржи долго бидејќи се очекува ново наоблачување кон крајот на месецот кое повторно ќе ги подигне температурите.