Момците од „Балкан бенд“ со официјалната промоција на „Лутко моја“, летово тргнуваат во поход за освојување на балканскиот музички пазар. Тие вчера ја промовираа својата најнова авторска
песна, која заедно со спот, снимен во театарот за деца и младинци во Скопје, веќе почна да ги собира и првите позитивни коментари од публиката.
„Убава летна песна, со брз ритам, во поп фазон, која го заслужува вашто внимание“, вака од „Балкан бенд“ ја најавија новата песна пред својата публика.
– И покрај обврските кои ги имаме, посебно во овој период од годината, со настапите во клубовите, приватните забави и свадбите, бидејќи публиката во Македонија знае да го препознае и цени квалитетот и напорната работа, секогаш даваме простор и време за
создавање на авторски песни. Во најновиот проект повторно се вложивме детално и професионално. Секако, за сето ова е потребна енергија и многу работа, но благодарејќи на публиката која навистина секогаш знае да покаже колку ја цени нашата музика, ние
продолжуваме да „грабаме“ напред кон нови успеси и победи, велат момците од „Балкан бенд“ и додаваат:
– Следуваат уште многу проекти. Публиката е таа поради која што со голем ентузијазам работиме и на нашиот прв албум, кој сакаме да го промовираме следната година. Досега сме зборувале повеќе пати за него, но, навистина внимаваме на секој детал, па и затоа даваме рок од уште неколку месеци за да целосно ги реализираме сите идеи поврзани со него, велат момците од бендот.
Музиката на оваа песна е дело на Александар Тасевски, фронтменот на групата, Александар Стевановски го напиша текстот, а аранжманот и студиската снимка се дело на Дејан Момировски
и неговото студио. Спотот, во кој се појавува Александра Накова, го изработи „Студио 5“ продукција.