Беа некогашната најжешка двојка: Манекенката Снежана Јаначкова-Сани и Љупчо Богдановски-Kљок се сеќаваат на изминатите години полни со љубов и музика

ИЗВОРСкопје24
|

Познатата модна новинарка и некогашна манекенка, Снежана Јаначкова-Богдановска-Сани, и нејзиниот сопруг Љупчо Богдановски-Kљок се уште една двојка големи љубители и поклоници на музиката. Сеедно дали во светот на модата на Сани или во времето на култната мичуринска фризерница „Kљок“ и легендарните турнеи на „Леб и Сол“ на Љупчо, оваа брачна двојка е среќна што проживеала разни музички децении и постојано крај себе ја имала музиката.

Првата музика која Љупчо ја слушнал во детството е онаа што постојано свирела во нивната семејна куќа.

– Првите музики кои ги чув беа оние преку радиото , во времето кога главни беа Мишо Ковач и Ѓорѓе Марјановиќ. Тука до нас беше интернатот, па со денови свиреше радиото на братучет ми и се собираа женски од цело Скопје. Понатаму преку мојот другар Ситна дојде и познанството со Ангел Ситновски-Бојс кој и тогаш и денес е голем дискофил. Кај него постојано се собиравме на слушање и ги откривавме новите плочи. А првата која сум ја купил од „Југотон“ е албумот на „Тајм“ и Дадо Топиќ. „Тајм“ ни беа вистински легенди во тоа време, најпрво затоа што ни беа блиски со текстовите и ги разбиравме што пеат за разлика од англиските бендови- вели Љупчо.

Тука се надоврзува Сани со своите први допири на светот на музиката.

– Кај мене е интересно што сега кога се навраќам во сеќавањата сваќам дека кај мене уште многу рано влегла некоја поинаква музика од онаа што ти ја наметнуваат родителите. Јас имав среќа да растам во куќа со постари од мене, брат ми и братучедите и преку нив ја запознав таа музика. Случка која ми остана во сеќавањето е онаа врзана за првата плоча која ја нарача брат ми, а ја донесе татко ми од службен пат во Белград. Тој не смееше никако да се врати без албумот „Deep Purple In rock“ (се смее). Кога ни ја донесе плочата тоа беше врвно доживување и долго ја слушавме и паѓавме во несвест и тоа беше тотално ново искуство за мене. Тој момент на ставање на првата плоча на тазе купен грамофон беше некоја пресвртница и потоа си дојдоа други плочи, вртење по радиото и барање музика. Некако ме фасцинираше се околу музиката и веќе на 12-годишна возраст јас слушав чудни музики од типот на Френк Запа. Иако мала и не го разбирав, дури подоцна откако созреав ја сватив таа музика и што сакал тој да каже. Многу рано дојде и спојот со Кљок и ова цело убаво друштво што дополнително ми ги отвори видиците кон музиката – вели Сани.

Го доживеавме почетокот и крајот на „Леб и Сол“

Обајцата се сеќаваат дека ги споила дружбата и оние заеднички интереси меѓу кои предводела музиката.

– Нашата прикаска е врзана и со почетоците на легендарните „Леб и Сол“ и градењето на целата нивна кариера, буквално до распадот. Сега кога се сеќавам на те времиња всушност сфаќам дека со нив почнавме, а бевме и како манекенки дел од последната турнеја која ја правеа со Велибор Џаровски Џаро. Тоа е една интересна коинциденција која почна од првиот концерт на Плоштад каде бев во позадина како важна женска, па се до крајот, континуирано цели дваесетина години (се смее).

Во периодот на манија по „Битлси“ и „Ролинг Стоунс“ Кљок бил далеку поопседнат со музиката на „Џетро Тал“.

– Многу дружевме во тоа време со Братислав Брацо Зафировски кој беше една од кариките на „Леб и Сол“. Тој беше поим за нас како дечко од дваесет години кој сам живее во стан и има одлична музика. Многу ни беше кеиф да ги слушаме кај него плочите на „Џетро Тал“ и таа музика некако ми навлезе под кожа уште на почетокот.

Љупчо со „Леб и Сол“ пропатувал на голем број на турнеи и бил присутен кога се снимале легендарните први албуми на овој бенд.

– Сум работел со многу ѕвезди од екс-Југославија од Оливер, Тереза, Вајта, Исмета Крвавац, Чолиќ и многу други со кои соработуваше Џаро. Имав некое смешно светло од театарот и со него ги опслужувавме сите концерти. Работев како светлаџија, па обезбедување во годините кога бев дечко (се смее), возев комбиња со инструменти и што ли уште не. Во текот на тие патувања научив да свирам и на инструментот по кој сум препознатлив – усната армоника. Има една анегдота за огненото крштевање со армониката што се случи во Киштањ кога ’лебарошите‛ требаше да свират некоја игранка. Публиката бараше игранка, a момците не беа подготвени за таков тип свирка. Ситуацијата се наостри и мораше да се свири па Патакот (Влатко) ми вели ‘почни нешто со усната армоника’. Почна да ме следи и Гаро со тапаните, па и Влатко и така некако истеравме. Брацо си ја снимал таа свирка и траката ја најдовме после цели 20 години и се вратив назад во времето. Потоа свирев на некои проекти со Гиш и Тони Китановски, а сега од време навреме знам со музичарското друштво да засвирам кога ќе се собереме- вели Љупчо.

Тој се сеќава на своите први игранки во КУД „Кочо Рацин“, а една од тие легендарни свирки била и онаа на групата „Тор“.

– Со момците од „Тор“ бев заедно во морнарица и доста дружевме, а нивните игранки беа едни од најдобрите во тоа време. Потоа се дружев и со „Ден за Ден“, „Пу“ и подоцна „Карамела“. Обично игранките не поминуваа без тепачка за некоја девојка. За танго добро поминуваше „Самба па ти“ на „Сантана“, ама врв ни беше „Hey Jude“ од „Битлси“ која на грамофонот постојано ја враќавме од почеток по сто пати. Обично секогаш имаше две-три женски и десетина машки кои претендираа за нив – се сеќава Љупчо.

– На една од тие свирки на Плоштад на „Тор“ и јас присуствував и сеуште неможам да ја заборавам таа слика. Корпулентни момци рокери, со долги коси и кожени јакни кои делуваа импозантно. Од ју-сцената многу ги сакав „Корни Група“ – додава Сани.

Се сеќаваат дека од времето на нивната младост ударен бил диско периодот кога се слушале „Темптејшнс“ и „Бони Ем“.

– Многу е интересен тој период кога беше култно да се оди во диско и нашата младост е директно врзана со дискотеките. Немаше теорија да се замисли диско музика без „Бони Ем“ и подоцна фанки музикат.Во неделите одлични беа оние дневни матинеа на кои одевме во диско. Надвор пукаше сонце, а ние влегувавме во темнината од диско салата и тоа можеби беше чудна шема, но функционираше – се сеќаваат тие.

Еден од оние омилени концерти на кои Љупчо присуствувал како многу млад е белградскиот концерт на Сантана каде се фасцинирал од големиот латино мајстор и акробациите на тапаните.

– Не сме оделе многу на заеднички концерти , но би ги издвоиле оние од легендарната турнеја од 1980 на „Леб и Сол“. Тоа е онаа за која сите зборуваа и таму беа сите со семејствата. Џаро не организираше сите со автобуси и комбиња, јас и Сани бевме дечко и девојка, Бодан (ако добро ми текнува) таму ги направи децата и потоа ги крсти по Јадранот. Откако заврши патешествието со лебарошите, ја наследив фризерницата и некако случајно го открив тој талент и станав фризер за мажи.

– Сите од македонската сцена му поминаа низ дуќанот, а дури и Тијана еднаш ја има истрижено кратко – се смее Сани.

Сани и Љупчо имаат голема колекција на плочи од кои тешко можат да ги издвојат фаворитите кои има останале посебни, затоа што музиката им доаѓала по фази и периоди.

– Сега се симнав во подрумот и навистина незнаев што да одделам од тие 4 илјади плочи кои ги имаме. Како посебна е првата плоча на „Леб и Сол“, а тука се и „Парпл“, плочата од „Вусток“ и Џими Хендрикс кој многу го сакам. Тоа е богатство од музика и денес сме сведоци дека нема никаква иновација и инспирација во денешната музика и се се сведува на рециклирање нешто старо. Дури и Мадона денес си прави обработки на некои свои стари рефрени – се надополнуваат обајцата.

Модата и музиката се лепенка

Модата и музиката отсекогаш оделе рака под рака и така Сани и Љупчо минале низ музичките фази низ животот со сета иконографија која ја носело времето.

– Музиката и модата се лепенка и се неодвоиви. Неможеш да го фураш тој филм без соодветен изглед. Сега кога се навраќаш многу се интересни тие декади секоја со својата прикаска, за разлика од по 2000-тата кога се нема идеологија и идентитет. Сме имале можност буквално да ги изживееме тие декади, почнувајќи од бунтовите 70-ти (она што им недостасува на денешните млади), па чудните 80-ти и инспиративните 90-ти. Во тие години вриеше и нашата сцена и беше доста доминантна. Интересно е што тогаш имаше некаква симбиоза на културата и луѓето од тоа културолошко милје на едно место. Вриеше и имаше некаква интеракција, од претставите на Горан Стефановски, музиката на „Леб и Сол“, па се до филмовите. За разлика од денес.

Со ќерката ги слушаме старите лектири

Денеска тие повторно ја откриваат музиката и се навраќаат на старите хитови и бендови благодарение на тоа што го слуша нивната ќерка.

– Денес некако кај нас се враќа времето наназад и преку тоа што го слуша ќерката Анастасија се навраќаме кон некои плочи и музики кои на времето сме ги пропуштиле. Се навративме повторно и на панкот, неопанкот и култните „Клеш“ и „Секс Пистолс“ и гранџот кои ги запоставив некое време поради мајчинството, но еве сега ги пополнуваме тие дупки кои останаа. Таа започна и ги откри сите оние основни наши музики од која никогаш не сме побегнале како „Парпл“,„Цепелин“. Еве на пример ортодоксниот метал не сме го слушале на времето, а таа преку нашиот ронекрол дојде и до металот. Нејзина омилена група е метал бендот „Бехемот“ и се скоро беше во Милано да ги гледа на концерт и оттаму си има незаборавен сувенир – трзалица од гитаристот на која многу се радува. Инаку таа студира продукција на звук и музиката и е примарна и ја носи во крвта. Не ретко таа ни вели дека би сакала да живее во тоа наше време токму поради инспиративност што произлегла во таа музика – велат тие.