Ве уверувам дека цените на нафтата и нафтените деривати во Македонија ќе бидат најконкурентни и најмали ако ги споредуваме со цените на соседите, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Сите резерви и државни и оперативни се полни. Испораките се прават редовно. Нема простор за грижа и паника, граѓаните да не паѓаат на шпекулации – потенцира Бектеши.
– Имајќи го предвид капацитетот на Пазарниот инспекторат ние донесовме дополнителна одлука да се вклучи финансиската полиција и Управата за јавни приходи, се со цел да се зголеми бројот на инспектори кои ќе вршат контроли. Инспекциите се вршат и во сабота и во недела. Утре ќе имаме координација со сите кои вршат контрола и ќе ја известиме јавноста во делот на наодите. Колку што имам информации, веќе почнале да се полнат сите рафтови на маркетите, нема колони на бензинските пумпи – наведе министерот за економија.
Бектеши упати апел до граѓаните да купуваат согласно нивните потреби и доколку забележат празни рафтови во маркетите да пријават на 191 за да постапуваат инспекторите.
На прашање околу разговорите со трговците од кванташки пазар и информациите за укинување или менување на маржата на овошјето и зелечукот Бектеши рече дека маржите нема да се сменат.
– Ќе се донесе одлука за укинување само тогаш кога ќе се забележи дека има намалување на одредени цени. Ако има намалување на цените на овошје и зеленчук секако дека ќе ја укинеме одлуката. Во случај ако има зголемување ќе има дополнителни мерки – одговори тој.