Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска информираше дека измени во цените на регулиран пазар нема да има до 31-ви декември.
-На регулиран пазар, тарифникот е објавен од страна на РКЕ. Не сум слушнал дека цена од 350 евра за микрокомпании. Да бидеме сериозни кога поставуваме прашања. Во делот на сметките на електричка енергија, не се прави споредба колку е сумата, туку колку е потрошувачката и на таков начин, Владата им излегува во пресрет. Заради тоа што одреден месец или недела, можеш да потрошиш повеќе или помалку струја и тоа се мери во киловати, теравати итн на нивото на државата. Затоа ние преговараме за количини на електричка енергија и цената која ќе биде регулирана, нема да биде пазарна цена која се одредува на светските берзи, рече Бектеши.
Тој потенцира дека со новата одлука на РКЕ согласно податоците што ќе ги дадат ЕСМ, МЕПСО и ЕВН дистрибуција за првите шест месеци од наредната година, тогаш РКЕ ќе излезе и ќе ги каже новите цени за регулираниот пазар, а тие ќе даваат инпут преку ЕСМ со намалување на цената на производство, со намалување на одредени барања на МЕПСО.
Инаку, нов пакет мерки за бизнисот ќе бидат објавени на 28 септември, соопшти денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, по средбата со министерот за економија Крешник Бектеши, на која присуствуваа и претставници на 10 – те најголеми компании потрошувачи на електрична енергија во земјава.
Мерките веќе се финализираат, а нивна цел е задржување на конкурентноста на фирмите и на работните места.
– Соработката со Владата во последните месеци е на највисоко ниво, а суштината е да се помогне таму каде е тоа најпотребно, нагласи Азески.
Како што истакна министерот Бектеши, за компаниите ќе се обезбеди доволно електрична енергија, но се прават максимални напори за цената на струјата да биде што порационална.