Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во емисијата Клик Плус истакна дека треба да прифатиме дека живееме во економска криза и граѓаните ќе треба да научат да живеат со тоа. Како пример, рече дека потребно е да штедиме и на електрична енергија во текот на зимските месеци.
Додаде дека енергетската криза барем малку ќе се регулира со измената на тарифниот модел, со креирање поправеден начин за тарифирање на електричната енергија како за малите потрошувачи така и за големите на начин како би се ослободил одреден процент електрична енергија.
Битиќи во Клик Плус додаде дека економската криза ќе нè следи и на почетокот на 2023 година.
Министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека субјектите кои трошат голема количина на електрична енергија ќе добијат нула посто поддршка од државата.
-Сега сите домаќинства добиваа иста цена. Ова е воведување на прогресивно оданочување во утврдување на цените. Тие што трошат помалку, ќе плаќаат помалку, тие што трошат повеќе, ќе плаќаат согласно цените на пазарот, иако јас сум и дополнително да плаќааат. Нелогично е едно домаќинство да троши такви количини. Имаат надворешни базени каде што во јануари или февруари ги користеле 24 часа или пак не се грижат колку трошат. За нив значи не било проблем. За да биде јасно за граѓаните, ние не воведуваме модел како што е во регионот. Тие имаат блок тарифи за целосната потрошувачка во 24 часа. Кај нас сите ќе бидат еднакви во ноќната тарифа, а во дневната сите ќе бидат мерени, што е олеснување, информира Бектеши за новите блок тарифи во цените на струја за домаќинствата.