Јован Петрески – БАБУРА ЈУНИОР: “Беше мој втор татко, учител и идол.”

Уште од најмали нозе, младиот Јован Петрески оди по стапките на неговиот чичко, втор татко како што тој милува да го нарече, диџеј Бабура. Екипата на Скопје24 направи краток разговор со младиот Јован.

ИЗВОРСкопје24
|

1. Од кога се занимаваш со музика, каков вид на музика пушташ и нешто повеќе за тебе?
Со музика се занимавам уште од мали нозе, па мислам дека има повеќе од десетина години. Пуштам house музика и сите нејзини под жанрови: Afro house, jackin house, deep house, electro house, tech house… Во зависност од локалот дали е кафуле или ноќен клуб, внимателно одбирам што ќе пуштам и кој жанр на house ќе биде. Инаку сум студент на Природно математичкиот факултет во Скопје отсек Географија и моментално сум четврта година – апсолвент.

2. Од каде и кога се роди љубовта кон музиката?
Мислам дека во исто време ги учев детските игри, но ги учев и сите копчиња на миксетата. Благодарение на мојот чичко Љупчо познат како ди-џеј Бабура постојано ме земаше со него на неговите дневни настапи. Застанував до него максимално сконцентриран, од моја страна имаше премногу прашања за сите копчиња на миксетата и секогаш добивав топли одговори. Морам да признаам дека иако на прв поглед да бидеш ди-џеј изгледа лесно, но воопшто не е така. Секоја работа си има своја тежина, но работата што ја работиш со љубов не претставува никаква тешкотија. На крајот од тие дневни настапи-журки, секогаш идејки накај дома размислував колку е убаво да ги забавуваш луѓето и да ги направиш среќни. Понесен од сите убавини на оваа професија неколку месеци подоцна се случува и мојот прв настап во скопско кафуле. Сонот полека се отстварува и подоцна другарите ми го дадоа прекарот Бабура Џуниор. Веќе седма година како сум дел од светот на диџејството и можам да кажам дека чувството е преубаво кога ќе ја видам публиката задоволна од тоа што го пуштам. Искрено нема поубаво чувство на светот, луѓето да бидат задоволни од тебе.

 

3. Дали оваа работа е доволно платена и дали може да се живее од музика во Македонија?
Да бидам искрен, диџејството го гледам малку поинаку, заљубен сум во оваа професија. Финансискиот дел не ми е најбитен, но кога веќе ме прашавте ќе ви одговорам да, доволно е платена и може да се живее од истата.

4. Дали македонците сакаат да слушаат добра и квалитетна музика?
Нема да ви одговорам на ова прашање, свесни сме дека целата наша земја е преплавена од турбо-фолк музика. Не сакам да развивам непријатели, против се што е масовно прифатено, нема метод за борба. Секој го одбира тоа што лично му одговара.

5. Каква музика сакаш да слушаш приватно, дома?
Покрај house музиката која ја пуштам, дали дома или во мојот автомобил слушам наша македонска музика и уживам додека ја слушам. Во мојот автомобил имам четири цедеа: Владо Јаневски, Тоше, Каролина и Брејк. Доколку самите не ја почитуваме, слушаме и негуваме македонската музика, тоа да не го бараме од другите.

6. Дали во изборот на музиката и работа големо влијание имаше легендарниот ди-џеј Бабура како дел од твоето потесно семејство?
Секогаш ме интересираше неговото мислење, неговото мислење беше прво и последно бидејќи беше со преголемо искуство долги, долги години и важи за еден од најдобрите ди-џеи во Македонија. Беше мој втор татко, чичко, учител и идол и секогаш ќе остане. Бабура Џуниор – прекар кој со голема одговорност и гордост го носам И ЌЕ ГО НОСАМ!

7. Каде во Скопје најчесто можат да те најдат обожавателите на овој тип на музика?
Моментално може да ме најдат во Intermezzo Prive, Bistro Opera Pub и низ останатите други локали. Исто така често патувам и низ останатите градови во нашата земја, но набрзо се надевам и надвор од нашите граници.

8. Која е најдобрата журка во Скопје на која си учествувал? (било да е работно или како гостин)
Уфф.. искрено премногу се но ќе издвојам неколку: Eric Prydz Градиште, John Digweed, Bob Sinclar, Paul Van Dyk i Tiesto – метрополис арена , како и Greatest Hits забавите.

 

Наталија Јосифоска