ЈСП Скопје ќе обезбеди два двокатни автобуси за организираниот пречек на ракометарите на Вардар на меѓународниот аеродром Скопје.
-Ги информираме заинтересираните граѓани кои немаат превоз, а сакаат да ги пречекаат шампионите на скопскиот аеродром, дека поаѓањето кон аеродромот е планирано во 17 часот од пред Југодрво. Превозот е бесплатен. Планирано е, доколку дозволат временските услови, ракометарите од аеродром до Плоштад да се возат со панорамски автобус, информираат од ЈСП.
Инаку тие денеска во 18.50 часот ќе слетаа во Скопје, со чартер лет кој Град Скопје за ракометарите го обезбеди и за кој од буџетот ќе бидат одвоени 39.500 евра
Како што најави градоначалникот Петре Шилегов на Плоштадот Македонија ќе се организира дочек на ракометарите за што се одвоени 2 милиони денари, а ракометарите од Градот ќе бидат наградени со 6 милиони денари. Во Скопје заедно со ракометарите ќе пристигнат и двајцата коментатори од Арена Спорт кои ги освоија нашите срца.
Ракометарите на Вардар вчера по вторпат ја освоија титулата европски првак откако во финалето на завршниот турнир во Келн го совладаа Веспрем со 27:24, во ситуација кога повторно, како и пред две години, им беше давана етикета на аутсајдер.