Без клими и со отворени врати, а се помалку автобуси, се жалат граѓаните на ЈСП

|

Скопските горештини никако да ги разладат граѓаните кои го користат јавниот превоз. Во гужви, без клими и со отворени врати, ваква е сликата во автобусите, алармираат граѓаните.

„Во државните има клима, во приватните, ретко“, вели еден граѓанин. „Малку се вариме, ама ни ги отвараат вратите, но не е тоа тоа“.

„Треба да има ама нема, а ние плаќаме. Со отворени прозорци и така тераме„“ вели друг.

“Приватните возат со отворени врати, другиве не сум ги приметил така да возат“.

Но освен проблемите со климата и возниот ред доцни, се жалат граѓаните а потврдува и првиот синдикалец на ЈСП, Миќо Стојановски. Намален е бројот на автобуси бидејќи повеќе од 150 возачи си заминале од ова јавно претпријатие а бројката допрва ќе се зголемува вели Стојановски.

„ЈСП го напуштија преку 150 возачи барајќи подобар живот.Не само возачи туку и сервисери. Се сведе претпријатието на 1100 вработени. Значи сега имаме по тројца вработени на вкључен автобус што е под европскиот просек од 4,5 вработени по автобус. И да сакаме да ги покриеме сите линии, не можеме бидејќи нема персонал“.

По најавата на синдикатот дека им доцни исплатата на јулската плата на вработените во ЈСП, денеска на средба во градот Скопје добија ветување дека ќе добијат плата, па синдикалците се откажаа од нови протести. Во несигурни автобуси се возат граѓаните и на меѓуградски линии. Полиција во текот на вчерашниот ден спровела полициска контрола и на вонреден технички преглед биле упатени 177 автобуси и други возила кои вршат јавен превоз на патници, а констатирани се и 173 сообраќајни прекршоци.

Симона Петровска