Богатството на основачот на „Мајкрософт“ се проценува на повеќе од 100 милијарди долари, а тоа Бил Гејтс го прави вториот најбогат човек на светот.
Од Бил Гејтс побогат е само Џеф Безос, основачот на уште еден американски гигант, компанијата „Амазон“. Според “Business Insider”, Бил Гејтс денес е за 9,5 милијарди долари побогат од минатата година, а според нивните пресметки, кога дневно би трошел по милион долари, ќе му бидат потребни 245 години за да го потроши своето богатство. Еве како Гејтс го троши своето богатство.
Гејтс има вложено во најразлични акции и имот, а со уште 20 други луѓе го има основано милијарда долари вредниот инвестициски фонд “Breakthrough Energy”. И покрај своето огромно богатстов, Гејтс открил дека не почнал „лудо да троши“ во моментот кога на 31 година станал милијардер, иако признава дека подоцна „малку се опуштил“.
Основачот на „Мајкрософт“ поседува приватен авион “Bombardier BD-700 Global Express” вреден 40 милиони долари во кој може да смести 19 луѓе. На својот дом во Медина кој го градел седум години, потрошил 63 милиони долари. Земјиштето го купил во 1988-ма година за два милиони долари, а сега вреди околу 125 милиони долари.
Се проценува дека во неговиот дом има најсовремени компјутерски системи вредни стотици илјади евра, а Бил Гејтс исто така е колекционер на уметнички дела. Тој поседува слика на Винслоу Хомер која во 1988-ма година ја купил за 36 милиони долари. Исто така, Гејтс поседувал стари ракописи и книги, а најпознато било дело на Леонардо Да Винчи од 16-ти век кое го купил на аукција во 1994-та година за 30 милиони долари.
Покрај затворениот базен и песокот кој му го носат од Карибите, во неговата куќа има кино за 20 луѓе, шест кујни и 24 бањи, како и гаража за 23 автомобили. Гејтс инаку е страствен колекционер на автомобили, а неговиот прв луксузен автомобил откако станал богат бил Порше 911.
Тој исто така има и ранч на Флорида кој се протега на 18 илјади квадрати и луксузна вила. Наводно потрошил 27 милиони долари за да го купи целиот имот. Во Калифорнија исто така има ранч од 228 хектари кој го купил за 18 милиони долари, а ранчот во Вајоминг од 492 хектари го ставил на продажба во 2009-та година за 8,9 милиони долари.
Бил Гејтс во своето слободно време сака да патува, а најчесто изнајмува луксузни супер-јахти. Тој ја изнајмил суперјахтата „Серена“ за која платил 5 милиони долари неделно, а покрај јахтата добил и приватен хеликоптер.
Сепак, негова најдобра особина е неговата хуманост. Бил Гејтс донира милиони долари во хуманитарни цели, развој на лекови и унапредување на човештвото. Тој во 2017-та година вложи 50 милиони долари во истражување на Алцхајмеровата болест, а заедно со неговата сопруга, донирале над 36 милијарди долари во добротворни цели преку „Бил и Мелинда Гејтс“.