Бил Гејтс смета дека платил премал данок и дека не заслужува да биде толку богат.
63-годишниот основач на компанијата “Microsoft” и некогаш најбогатиот човек на светот кој располага со богатство од околу 73 милијарди долари, смета дека тој и другите деловни магнати треба повеќе да допринесуваат.
“Платив повеќе од 10 милијарди долари данок, но требаше да платам повеќе”, изјавил тој за “Daily Mail”.
Гејтс кој има три деца, во 1975 година ја основал компанијата “Microsoft” која денес е една од највредните во светот. Во 2008 година се повлекол од своите редовни должности и е еден од малкумината милијардери кои ветиле дека поголемиот дел од богатството ќе го подарат во добротворни цели наместо да го остават на своите деца.
Заедно со сопругата ја води фондацијата “Bill and Melinda Gates” која е посветена на борбата против сиромаштијата и болестите.
“Не го заслужив своето богатство. Никој не го заслужува. Тоа е резултат на сплет на околности како добар тајминг, среќа и луѓето со кои соработував. Секако дека напорно работев и мислам дека софтверот е корисна работа, но и јас имав корист од целата структура”, изјавил Гејтс.
“Не верувам дека би било добро за моите деца и општеството кога би им ги оставил парите”, истакнал тој и објаснил дека оставил малку пари на страна за своите деца и данок, додека остатокот ќе го подари во добротворни цели.
“Мелинда и јас вредно работиме за да бидеме сигурни дека парите ќе им бидат подарени на оние на кои им се најпотребни”.
Глобалните планови за зачувување на здравјето и борбата против болестите, со помош на владата и добротворните организации како нивната фондација допринеле за спасување на милиони животи од болести. Во 2016 година, британската влада и фондацијата се обврзале дека ќе посветат три милијарди фунти во борбата против малар**а.