Бислимовски: Парното нема да поскапи повеќе од пет отсто од 1 ноември

|

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во своето гостување во Тема на денот во Дневникот на Сител зборуваше за зголемувањето на цената на парното греење.

Бислимовски истакна дека парното нема да поскапи повеќе од 5 проценти од 1 ноември, односно како што тој потенцираше зголемувањето на цената на парното греење би се движело до максимум од 50 до 60 денари на месечно ниво.

– Кога зборуваме за немање ценовни шокови знаете дека имаме висока инфлација, зголемени се материјалите за работа на сите компании, дополнително има и усогласувања во однос на минималната плата, така што јас не верувам дека ќе имаме зголемување поголемо од 5 отсто коешто нема да претставува проблем за граѓаните во градот Скопје. Сега во овој момент тоа е најевтин начин на греење така што за еден просечен стан ако би имало зголемување тоа би се движело до максимум на месечно ниво за 50-60 денари што сметам дека не претставува проблем, изјави Бислимовски за Сител.