Битиќи: Ако Русија ја прекине испораката на гас за Европа тоа ќе влијае и врз нашето стопанство

ИЗВОРТелма
|

Македонското стопанство може да настрада ако се реализираат црните сценарија, Русија со Украина да ја стопира испораката на гас кон Европа, предупредува владата.

Земјава, природен гас набавува од руски Газпром. А прекинот на испораката ќе значи удар врз дел од големите компании во земјава- тие ќе мора да го префрлат производството на друг енергенс како мазутот.

Алармот во Владата и бизнис коморите е вклучен. Будно се следи состојбата и се бараат алтернативи – вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.

-Колку што е лошо што имаме еден ресурс на енергија како што е гасот само од Русија толку е добро зошто преку гасот ние не произведуваме доволна количина електрична енергија, значи не сме зависни од гасот како таков. За жал евентуалното стопирање на гасот ќе влијае врз стопанството. Но будно ги следиме состојбите и таму најверојатно сите заедно со стопанството ќе треба да мислиме кои се алтернативите, изјави Битиќи во Топ Тема на Телма.

Битиќи вели доколку се остварат тие сценарија, ние не можеме многу да влијаеме освен да се прилагодиме.

-Знаеме дека тие кои што се префрлени на гас како енергенс можат лесно да се префрлат во мазут иако велам тоа е нужно решение кое што не е добро за животната средина но евентуалната таква ескалација би требало да не не фати неподготвени, истакна вицепремиерот Битиќи.

За експертите прекинот на испорака на гас е најнепосакувано сценарио за нас бидејќи ќе нема гас за индустријата. Земјава годишно троши по 400 милиони метри кубни гас.

-За стопанството ќе влијае затоа што ќе треба да обезбедат дополнителни количини на алтренативно гориво на природниот гас. Законски и при потпишувањето на договоорт со ГА-МА, тие индустрии имаат обврска да си се снабдат со резервно гориво доколку дојде до ваква гасна криза. Да потсетам дека во минатото дваесетлетие имавме на два пати недостаток на природен гас кој што беше во рамките на месец јануари, исто поради проблем меѓу Русија и Украина, изјави Митко Андреевски, енергетски консултант

Според Андреевски, тоа ќе значи дека ТЕ-ТО ќе прекине со работа, а со тоа ќе виси и договорот кој неодамна го склучи ЕСМ со ТЕ-ТО со кој треба да ги купува вишоците на струја по цена од 170 евра за мегават час. Бег пак ќе мора да ги грее скопјани на мазут.

-Тоа што ќе биде невозможно е ќе не може да продолжи да работи ТЕ-То затоа што за нив нема Б варијанта и ќе значи за Скопје, дел од топлината да ја добива од друг енергенс.

Телма: Тоа значи дека ќе пропадне оној договор на ЕСМ со ТЕ-ТО за набавка на електрична енергија?

Андреевски: Ќе пропадане. Апсолутно дека ќе пропадне кога нема да може ТЕ-ТО да обезбеди природен гас. Од „виша сила“ причини.

Од Макпетрол пак смируваат – велат имаат стабилен договор со нивниот долгогодишен партнер„ Газпром“, со кој се обезбедени сите количини за нивните потрошувачи и не очекуваат никакви прекини во испораката на гас за нив.

Александра Филиповска