По донесувањето на одлуката за одмрзнување на цените на основните прехрамбени производи и враќањето на ДДВто на струјата на 18 отсто нема простор за покачување на нивните цени, тврди вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој додава дека не очекува големи осцилации, но најавува дека Владата ќе ја следи состојбата за да реагира ако евентуално се случи тоа. Новата цена на струјата не треба да падне врз крајните потрошувачи.
„Сите предуслови што треба да се исполнат за да останат цените на исто ниво, па можеби дури и очекувањето да бидат помали, се направени. Сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените, сега ги нема. Електричната енергија не е на цената на која беше, цената на суровини е намалена на светските берзи. Тоа значи дека и оние што произведуваат, но и оние што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите, дури и да одат надолу. Ние видовме дека на пазарот на трговија со зеленчук цените природно се намалија дури 40 отсто од замрзнатите. Затоа одлуката е да се одмрзнат“, рече вицепремиерот Битиќи.