Без новогодишно украсување остана Битола како и повеќето градови низ земјава.
Од општинската каса не се издвоија средства за оваа намена. За првпат ги нема и детските новогодишни реквизити на традиционалната локација во градскиот парк, а годинава забавите и сите настани од плоштадот Магнолија се преселија на платото пред обновениот Офицерски дом.
Дел од граѓаните се разочарани што градот не блесна во новогодишно руво, други пак велат дека и ова е доволно.
-Не е весело, луѓето се депресивни. Секако пари немаме, можеше малку да блесне градот, велат битолчани.
-Во Офицерски оваа година има доста забава, ете и за децата одиме сега таму, мислам дека недостасува малку амбиент во градот, вели друга битолчанка.
Празникот го навестуваат приватните објекти, кафулиња и дуќани, чии сопственици се потрудија да направат амбиент и да привлечат што повеќе гости и купувачи.
-Она што не го направија градските власти, го направија битолските дуќанџии, па новогодишната атмосфера најмногу се чувствува во старата битолска чаршија.
Од Општината велат дека годинава одлучија Битола да не светка во време на енергетската криза, туку со доза на естетика со лед светилки да биде украсен само Широк Сокак.
Но, затоа пак се издвоија околу 1,5 милион денари за новогодишна програма која ќе трае 9 дена, ќе има 57 настани, сите се бесплатни, а ќе учествуваат само локални артисти.
-Да не беше енергетската криза украсувањето ќе го проширевме на територијата на цела општина, но во рамки на некој оптимум и естетика. Затоа годинава одлучивме да намениме за новогодишна програма, рече Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
Сите настани се одвиваат под отворено небо, токму поради пандемијата, а внатрешноста на реконструираниот Офицерски дом, со исклучително акустична сала ќе почека подобри времиња.
Емилија Мисирлиевски