На денес одржаната прес-конференција Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски упати повик за вклучување на градежни и сообраќајни инженери, правници и архитекти, професори и експерти од секоја област во поставување систем кој, како што рече тој – ќе биде мозокот и вистински координатор на оперативата за силни капитални инвестиции.
„Во ова тешко време на криза кога имаме сериозни импликации врз економијата, остануваме силно фокусирани на висока реализација на капиталните проекти, со што ќе помогнеме за заздравување на домашната економијата преку градежниот сектор“, рече на прес-конференција Министерот.
Изградбата на патната и железничката инфраструктура, гасоводи, водоводи и канализациски системи и другите инфраструктурни проекти, според него ќе бидат приоритет на оваа Влада, бидејќи се исклучително важни за развојот на државата и претставуваат најсилниот мотор на секоја економија.
„Ги отворам вратите на Министерството за транспорт и врски за сите наши македонски капацитети, градежни и сообраќајни инженери, правници и архитекти, професори и експерти од секоја област, со цел поставување систем кој ќе биде мозокот и вистински координатор на оперативата за силни капитални инвестиции. Ќе ги ангажирам сите административни капацитети, ќе го искористам моето знаење и упорност со единствена цел да создадеме систем преку кој ќе се гради модерна инфрастуктура, за денешните и идните генерации“, изјави Бочварски.
Изградбата и рехабилитација на преку 250 километри автопатска мрежа, изградбата на 300 километри експресни патишта, над 1.000 километри рехабилитација на регионални патишта и рехабилитација на околу 450 километри локални патишта треба да претставуваат своевиден мотор за економијата и значајно подобрување на инфраструктурата.
„Се планира изградба на нови 500 километри водоводни и канализациони линии. Приоритет и понатаму е изградбата на пругата на Коридор 8. Предвидена е и изградба на преку 700 социјални станови, а ќе воспоставиме и нови авиолини за да ја вратиме економијата на потребното ниво“ соопшти Министерот.