Боки 13 ќе поднесе кривични пријави за активни функционери

ИЗВОРНов лист
|

Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски во гостување на Тв 24 откри дека Бојан Јовановски до Обвинителството ќе поднесе кривични пријави против актуелни функционери за повеќе кривични дела меѓу кои и злоупотреба на службената положба, измама и шпионажа. Кривична пријава ќе има и за Орце Камчев.

– Јас не го разбрав дека е конкретно за парите од овој предмет, зашто ние тврдиме дека тука нема пари. Јас го разбрав дека зборува за воопшто, за некаков рекет од некои политичари. Поднесовме барање Бојан на 25 овој месец да биде однесен во Обвинителство за да поднесе кривични пријави за сето она што го знае. Средбата со Јовевски ја бараме за да пријави криминал. За злоупотреба на службена положба, за измама, за шпионажа… За актуелни функционери. И против Орце Камчев, рече Дуковски.

Бојан Јовановски-Боки 13 за Примање награда за противзаконито влијание и за Перење пари во случајот „Рекет” неправосилно осуден е на затворска казна од 9 години.

Тој и осудениот Зоран Милевски – Кичевскиот беа уапсени на 15 јули 2019 година и по распитот во Основниот кривичен суд Скопје им беше одредена мерка притвор од 30 дена. Двајцата беа осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 и за кривичното дело перење пари. Милевски по признанието беше осуден на казна затвор од 3 години, пуштен е од притвор и сега се жали пред Апелациониот суд Скопје.