Болната сцена од филмот “Love Actually”, холивудската актерка ја проживеала и во реален живот

|

Различните приказни се она што го прават филмот “Love Actually” прекрасен, но самиот крај кога Ема Томпсон болно, но храбро се соочува со неверниот сопруг, веројатно е најсилниот момент во целиот филм.

Истовремено, сцената во која нејзиниот лик Карен сфаќа дека ѓерданот кој го наоѓа помеѓу работите на сопругот, не е за неа односно дека тој ја изневерува и поради тоа плаче во собата, ги скрши срцата на бројните гледачи ширум светот.

Сцената делува уште помоќно кога ќе дознаете дека Ема Томпсон го преживеала тоа во реалниот, приватен живот.

Таа им признала на медиумите дека проживеала нешто слично кога дознала дека нејзиниот поранешен сопруг, актерот Кенет Брана, ја изневерува со колешката Хелена Бонам Картер.

“Таа сцена во која мојот лик стои покрај креветот и плаче ми беше многу позната бидејќи тоа е нешто низ кое и самата пројдов. Кен ми го скрши срцето. Затоа знаев како изгледа да пронајдете ѓердан кој не е наменет за вас. Иако ситуацијата не беше точно таква, сите ние сме поминале низ тоа”, изјавила Томпсон.

Ема стапила во брак со Кенет во 1989 година, а во 1994 година тој започнал афера со колешката Хелена Бонам Картер. Парот се развел во 1995 година, а Брана и Картер биле во врска сè до 1999 година.

Таа за “The Sunday Times” своевремено изјавила и дека ѝ опростила на Хелена за аферата со нејзиниот сопруг.

“Не можете да се држите до нешто толку тешко. Непотребно е. Немав енергија за тоа. Хелена и јас само се смиривме пред многу години, таа е прекрасна жена”, изјавила Томпсон.

Сите тројца продолжиле понатаму со своите животи, дури и учествувале во заеднички проект – сите се појавуваат во филмовите на Хари Потер и гледачите веројатно ги паметат како професорката Трилејни (Томпсон), професорот Локхарт (Брана) и Белатрикс Лестрејнџ (Бонам Картер).