Инфективната клиника го доби лекот рипавирин наменет за тешка форма на конго кримска хеморагична треска, а од утрово го прима заболената болничарка од истата клиника.
Директорката на клиниката, Милена Стевановиќ истакна дека случаите со болничарката и пациентката од Штип која почина од конго-кримска хеморагична треска се различни и дека лекот рипавирин немало да ја спаси.
Пациентката од Штип беше дијагностицирана и почината во неколку часа и не можела да биде спасена со лекот. Ниту една држава нема ваков тип на лек во залиха, освен колегите инфектолози и организациите кои работат во ендемски подрачја каде што има вакви вакви ендемски трески. Досега ние не сме имале пациент со конго-кримска треска. Болничкарката која е хоспитализирана е стабилна, влегува во фазата во која се очекува крварење. Денеска одлучивме дека треба да почне да го прима лекот кој стигна во нашата земја. Се држиме до искуството до оние кои имаат најмногу прегледано пациенти во светот и сметам дека сме на добар пат. Овој лек е еден сегмент од лекувањето. За жал, никаде не е изразено како процент колкав е процентот на преживување со давањето на овој лек. Целта е да се помине кризата во развојот на болеста, овој лек е антивирусен и целта е да с спречи размножувањето на вирусот и да се намали неговата моќ. Овој лек може да има несакани ефекти и затоа во нашето лекување се вклучени хематолог и трансфузиолог – рече Стевановиќ.
Сите медицински работници кои се под надзор поради контакт со болничарката од Инфективна, колегите епидемиолози континуирано ги следат до 14-от ден од надзорот.
48-годишната болничарка е хоспитализирана на Инфективна. Заразата ја доби од младата жена од Штипско која почина по убод од крлеж. Двата потврдени случаи на конго-кримска хеморагична треска ставија под надзор 39 лица.