37 годишниот Благојче Дончев од Кочани пред два дена доживеал вистински стрес, откако му било соопштено дека неговата мајка починала во болницата во Кочани, по неколку часа откако пристигнал со погребална кола му соопштиле дека мајка му е жива. Дончев за Телма раскажува дека неговата 58 годишна мајка Јаворка Дончева има тешки здравствени проблеми, по два преживеани мозочни удари, откако и се влошила состојбата веднаш повикале брза помош. Попладнето се јавил во болницата, а од другата страна на слушалката некој му соопштил дека е веќе почината и да се подготват за нејзиниот погреб. Во меѓувреме Дончев ги известил роднините и пријателите, купил свеќи, ковчег, а направени се и некролозите.
Неговата мајка е лоцирана на интерното одделение, каде што е хоспитализирана и добива медицински третман.Благојче тврди дека некој од болницата му препорачал погребен оператор и му дале визит карта, но тој ги одбил и повикал друг. Од погребалното претпријатие кое подготвило се за погребот велат дека неколку пати имаат реагирано дека во оваа битка за починати се делат пари на вработени, кои форсираат одредени оператори. Писмено го имаат известено раководството на болницата, а и полицијата.
Директорот на болницата, Александар Серафимов информира дека случајот веќе е пријавен во полиција и во тек е истражна постапка. Тој вели дека претпладнево вработени од болницата веќе имаат дадено исказ во полициската станица.. Истрагата треба да открие, кој стои зад целиот случај со лажната вест за смртта на Јаворка Дончева.
Викторија Јованова