Бран поскапувања и во Грција – еве колку ќе чини гирото, шише кока кола или пиво

|

Бранот поскапувања влијаат и на туристичкиот сектор. Македонските агенции годинава за 5 до 15 евра го поскапија организираниот превоз со автобус до Грција, па така, доколку за Халкидики пред две години повратна карта чинеше 35 евра, сега таа цена е 40 евра. Поголема е разликата во цените за превозот до смештаите на Јонско Море, за каде повратна карта чини 50 или 55 евра.

Аранжманите од 9 ноќевања годинава скоро и да ги нема, па за цените за кои некогаш се поминувало 10, годинава се поминуваат 8 дена на море.

Во Грција, пак, веќе е најавено поскапување на основните намирници, но и на омилениот ручек – гиро пита, кој беше 3,3 а сега најверојатно ќе поскапи на четири евра.

Грчките медиуми велат дека бранот на поскапувања ја зафати и Грција како и сите други земји. Зголемени се трошоците за живот, а цената на брзата храна е зголемена за околу 30 отсто. Се очекува гирото да биде четири или повеќе евра, а според Савас Цесидис, претседател на Панеленската федерација на месари, цената на свинското месо е повисока за 50 до 60 центи за килограм и 30 центи за килограм пилешко.

Grckainfo.com објави дел од моменталните цени во Грција.

Шише „кока-кола“ е 1,90 евра, домашно пиво 0,5 литри точено пиво е четири, додека увезено пет евра.

Леб во Грција ќе ве кошта 1 евро, сирење 4,48 евра, а млеко 1,31 евро. За десет јајца во Грција се потребни 3,26 евра, а за пилешки гради без коски седум евра.

Цената за јаболката, бананите, портокалите, доматите, компирот, кромидот, оризот, зелената салата е повисока за 20, 30, 40 или 50 центи од кај нас.