Братот на Мертин, по кого се трага во Егејското Море на Халкидики, повторно се огласи на својот фејсбук профил.
Овој пат тој објави нова фотографија од изгубеното момче како што било облечено дента кога му се губи трага, а исто така пишува дека потрагата е со намален капацитет, иако денеска голем број медиуми пренесоа дека во потрагата се вклучени и дрон и куче-трагач.
„Ова е сликата направена од денот на исчезнувањето на мојот брат. Потрагата сеуште е во тек меѓутоа со многу намален капацитет. Потребна ни е поголема покриеност од воздух, копно и вода. Доколку некој има било каква информација и е во можност на било кој начин да помогне во потрагата по мојот брат слободно исконтактирајте ме. Ве молам споделете ја фотографијата за волонтерите што помагаат да имаат појасна слика“, напиша братот на Мартин, Горан Јовановски.
На фотографијата се облеката на неговиот брат кој критичниот ден во саботата заедно со другарите Васил и Иван славеле роденден на плажата Посиди, на Халидики, по што откако влегле во водата биле одвлечени од брегот од страна на морските струи. Васил е пронајден неколку часа потоа, а Иван следниот ден по повеќе од 20 часа поминати на отворено море, држејќи се за топка која и му го спаси животот со брановите.
Мартин е искусен пливач, поранешен балетан во добра физичка кондиција и не се губат надежите дека момчето ќе биде пронајдено. Грчките спасувачки служби го пролонгираат периодот на потрага кој вообичаено истекува 72 часа по исчезнувањето, по ургенции на министерот за надворешни работи Бујар Османи кај неговиот колега Никос Дендијас.
Вчера се пребаруваше морското дно со подводна камера но немаше резултати, а денеска на петтиот ден освен волонтерите и крајбрежната стража вклучени се и два воздушни дронови за непристапниот карпест терен и куче спасител кое трага по Мартин на плажите во претпоставен радиус во кој би можело да биде 31-годишното момче.