Бруталниот социјален експеримент на Данска: Ни требаа интелигентни деца

|

Во 50-тите години група деца Ескими биле одведени од нивните семејства во Гренланд за бидат одгледани и пораснати во примерни дански државјани. Повеќе од 60 години подоцна данските влади ги бараат за да им се извинат за експериментот што им предизвикал огромна штета.

Хелен Тиесен се потсетува на 1951 година и убавиот летен ден кога двајца дански господа се појавиле на вратите од нивниот дом во Нук. Со нив бил и преведувач, а таа и нејзината постара сестра прашале што бараат. Им било кажано да излезат надвор, додека нивната мајка разговарала со нив. „Ја прашаа мајка ми дали би била подготвена да ме испратат во Данска. Ѝ кажаа дека таму ќе научам да зборувам дански и ќе добијам добро образование. Рекоа дека тоа е огромна можност за мене“, се потсетува Хелен. Иако мајката двапати одбила, тие настојувале и ѝ рекле дека станува збор за период од шест месеци и можност за светла иднина.

Имено, во тоа време Данска одлучила да ги подобри животните услови на својата арктичка колонија. Многу луѓе и понатаму живееле од ловење, само мал процент зборувале дански, а туберкулозата била раширена болест. Најдобар начин за модернизација на островот бил преку создавање нов вид Гренландци. На ова се одлучиле данските власти, па испратиле телеграми до свештениците и директорите, барајќи од нив да ги идентификуваат интелигентните деца на возраст од 6 до 10 години. Планот бил да се испратат децата во вдомувачки семејства во Данска, каде што би можеле да бидат повторно образовани како мали Данци. Многу родители не сакале да се откажат од своите деца, но на крај 21 семејство се откажале.

Таткото на Хелен починал од туберкулоза три месеци пред доаѓањето на господата, а мајката останала сама со три деца. „Мајка ми седна и ми објасни дека ќе одам во Данска. Ја прашав што е Данска“, се потсетува таа. Во мај 1951 година од Нук отпловиле 22 деца. Хелен се сеќава на доаѓањето во Копенхаген.

Пред да бидат испратени во згрижувачки семејства, децата го поминале летото во камп за одмор познат како Федгарден. Всушност, така им било кажано, меѓутоа, тие биле во карантин бидејќи постоел страв дека би можеле да се болни од нешто заразно. На Хелен ѝ недостигала нејзината мајка и таа не можела да сфати зошто била испратена толку далеку. Доаѓањето на децата бил проект што бил толку престижен, што во кампот дошла и самата данска кралица. На фотографиите со кралицата ниту едно дете не било насмеано. Секако, имало среќни моменти кога оделе на плажа, но навечер кога легнувале во кревет, тие тивко плачеле. „Се чувствував тажно и несигурно“, раскажува Хелен.

1

По престојот во камп, децата биле сместени во згрижувачки семејства низ целата земја. Во декември 1951 година еден дански неделник известил дека проектот се покажал како успешен. „Начинот на живот овде во Данска е толку различен од она на кое овие деца биле навикнати, но нивната способност за приспособување е извонредна. Наведено е и дека децата од Гренланд одлично зборуваат дански.

Поради проблемот со егземата, Хелен била хоспитализирана. Откако закрепнала, била сместена во друго семејство. Во споредба со првото семејство, второто било како излезено од бајка.

Враќањето дома

Наредната година, 16 од 22 деца биле вратени во Гренланд. Меѓу нив била и Хелен. Останатите шест деца биле посвоени од дански семејства. „Кога пристигнав во Нук, втрчав во прегратките на мајка ми и почнав да ѝ раскажувам за сè што видов. Но таа не одговараше. Збунето ме гледаше. По некое време таа кажа нешто, но не разбирав што зборува. Ни збор. Помислив: ’Ова е ужасно. Повеќе не можам да разговарам со мајка ми‘. Зборувавме два различни јазици“, раскажува таа.

Следувало уште едно изненадување. Додека била отсутна, данскиот Црвен крст во Нук изградил дом за децата. Било одлучно дека по престојот во данските домови, овие деца не треба да живеат со семејствата во лоши услови. Нејзината „нова мајка“, директорката на домот, ѝ рекла да се качи во автобус. Хелен не знаела што се случува. На прашањето зошто пак мора да оди во дом, никој не сакал да ѝ одговори. Во домот се обесхрабрувал обидот да се зборува инуитскиот јазик.

2

Односот на Хелен со нејзината мајка повеќе никогаш не бил обновен. Била огорчена и лута на неа. Дозволила да живее во детски дом, иако живеела во ист град.

Ова искуство оставило долгорочни последици. „Во текот на животот не можев да сфатам зошто често сум тажна и склона кон плачење. Кога го запознав сопругот, тој речиси ќе се откажеше од мене бидејќи постојано плачев“, вели Хелен. Дури во 1996 година, кога имала 52 години, открила зошто била одделена од мајка ѝ. Вистината не ѝ била откриена од данските власти, туку од дански писател кој ги открил документите во данскиот државен архив. „Вие бевте дел од експеримент“, ми рече писателот.

Децата одведени од домовите ни приближно не станале модели за културни промени во Гренланд. Тие завршиле како мала, маргинализирана група на периферијата од сопственото општество. Некои од нив станале алкохоличари и починале многу млади. „Некои станале бездомници, а некои едноставно доживеале нервен слом. Го изгубиле идентитетот и способноста да го зборуваат мајчиниот јазик, а со тоа го изгубиле и чувството за цел во животот“, вели Тиесен, која во 1998 година добила писмо од данскиот Црвен крст во кое изразиле жалење поради својата улога во проектот.

Во 2009 година се извинила и хуманитарната организација „Да ги спасиме децата – Данска“, која во проектот имала клучна улога. Но интернет-пребарувањата велат дека дел од документите за инволвираноста на организациите исчезнале – се претпоставува дека намерно биле уништени.

„Кога гледаме што се случило, јасно е кршењето на основните права на децата. Тешко дека тука постои правило што не било прекршено. Нивната благосостојба е ставена настрана во корист на проект. Намерите им биле добри, но завршиле лошо. Претпоставувам дека во тоа време сакале да ги едуцираат и подобрат луѓето од Гренланд за тие да имаат подобра иднина. Сакале да создадат примери за да ги вратат во Гренланд и тие да го подобрат општеството“, вели Мими Јакобсен, главната адвокатка на здружението.

Во 2010 година и властите на Гренланд побарале извинување од данските власти. Данската Социјалдемократска партија, која тогаш била во опозиција, изјавила дека е потребна независна истрага. Но кога во 2011 година застанала на чело на државата, истрагата воопшто не се случила. Хелен се омажила за Данец. Со него основала семејство во Данска. Денес има 71 година, во пензија е и живее на југот од земјата. Но истакнува дека секогаш ќе биде огорчена и ќе остане таква додека не умре затоа што данските власти ја претвориле во експеримент.