Објаснувачки меморандум испрати официјална Софија до земјите членки на ЕУ. Во него Бугарија бара поддршка од земјите членки за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата.
Според нив билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи треба да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35.
Бугарија бара поддршка од ЕУ земјите за ова и дополнително објаснува
во дел од меморандумот, дека го подржува процесот на напредокот на Скопје кон ЕУ, но во него, во голем дел има и тврдења за развојот на македонската нација. Бугарија пишува дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година.
„Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Бугарскиот литературен јазик има шест регионални пишани норми (кодификации), три од нив се основаат на дијалекти и три на бугарскиот литературен јазик. Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во екс Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“, пишува во меморандумот.
Поглавјето 35, кое се споменува во бугарскиот документ, инаку вклучува разни прашања што се појавуваат за време на преговорите, a кои не се опфатени во ниту едно друго поглавје и вообичаено се отвора на крајот на процесот на преговарање.
Инаку, во меморандумот официјална Софија бара исполнување на уште еден услов за напредокот на Македонија во ЕУ- малцинствата. Односно откажување на Македонија од своето малцинство во Бугарија.