Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека државна матура ќе има, таа е законска обврска. Државната матура не е само за комплетирање на средното образование, туку и за запишување на домашните факултети и продолжување на образованието надвор од државата, рече Царовска.
Таа потенцира дека учениците кои лани сакале да се запишат надвор од државата, не можеле тоа да го сторат оти немале положен матурски испит.
Министерката истакна: Матурата е задолжителна и тоа не само во нашата држава, туку и во земјите во регионот и во развиените европски земји. Ние сме целосно подготвени матурата да се спроведе на соодветен и безбеден начин со концепцијата којашто е донесена и усогласена со формалните здруженија на средношколци и матуранти коишто беа на состанок во Министерството.
Тогаш утврдивме дека наредната година треба да ја менуваме концепцијата и на тоа забрзано работиме. И оваа година воведовме свежина и нови новини коишто беа предложени заеднички со учениците и токму затоа на тој начин ќе ја спроведеме и оваа година матурата.
Царовска исто така рече дека важно е да бидеме дел од развиените држави оти минатата година ние бевме негативен исклучок по тоа што не можевме да спроведеме или не се оствари матурата. Тоа направи огромни проблеми за учениците коишто требаше да се запишат и во високото образование во нашата држава, но исто така уште повеќе ја искомплицира работата за учениците коишто требаше да се запишат надвор од државата.
Додаде дека голем дел од учениците не успеале да аплицираат надвор од државата заради тоа што немале положен матурски испит.