Чек листа на најважни документи кои треба да ги проверите пред да патувате

ИЗВОРСкопје24
|

Подготовката за патување, за некој е најинтересниот дел од патувањето, за некои тоа е досадна работа, а за некои дури и стресна работа. Колку и да сте внимателни, колку и да сакате да биде се во најдобар ред, неретко се случува нешто да заборавите. Тоа е така затоа што најчесто се тргнува на пат после работно време, кога сте и најмногу изморени, затоа што списокот на работи кои треба да ги земете со вас е премногу долг, затоа што патувањето испаднало не планирано и не сте биле во можност добро да се подготвите, итн.

Можете било што да заборавите, па ќе морате да се снаоѓате, да компензирате и да импровизирате, но најлошо и најтешко е кога ќе заборавите одредени документи. За да избегнете вакви непријатни и стресни ситуации најдобро е да имате изготвено чек листа и истата да ја проверите пред да тргнете на пат и тоа:

Патните исправи – пасоши и лична карта и нивната важност;
Возачка дозвола или доколку е потребно меѓународна возачка дозвола; Сообраќајна дозвола и проверка на нејзината важност;
Зелен картон; Дозвола за управување туѓо моторно возило во странство ако автомобилот не е ваша сопственост; Патничко и здравствено осигурување; Платежни картички;
Документи за извршени уплати за сместување и престој; Патна карта или мапа; Лекарска документација доколку имате специфични здравствени проблеми; Писмена согласност од родител, за патување на малолетно дете, доколку е потребна;
Важно: Кога малолетно дете патува во странство со еден од родителите нема потреба од писмена согласност од другиот родител освен доколку родителите на малолетното дете се разведени, тогаш детето не може да патува со еден од родителите единствено доколку има забрана за патување. Доколку нема забрана за патување, и во тој случај детето може слободно да патува.

Доколку лице до навршени 14 години живот патува во странство или се враќа од странство без присуство на родител или старател или е во присуство на друго лице, за неговото патување потребна е писмена согласност од родителите или старателот. Таа треба да е заверена од МВР или нотар, односно од Државното конзуларно претставништво на Република Северна Македонија во странство.

Покрај тоа што задолжително треба да ја проверувате чек листата пред секое патување неопходно е истата редовно да ја ажурирате и надополнувате.

Запомнете: Паметниот секогаш се информира, пишува и проверува!