Целосен хаос: Tри до четири часа се чека за влез во Грција

ИЗВОРСкопје24
|

Три до четири часа се чека за влез во Грција поради бавно обавување на граничните формалности на грчка страна, а меѓуграничнот простор речиси е споен со возила од македонска страна.

МВР соопшти дека во делот на Република Северна Македонија нема застој и поминувањето на границата е без проблеми, но се создава застој на грчка страна.

Возила со туристи наидуваат во бранови, но тие за десетина минути по обавување на задолжителните царински и полициски формалности се пропуштаат, така што подолги задржувања на наша страна не се забележани за влез во Грција.

На граѓаните кои чекаат за влез во Грција им се дели вода додека се во граничниот простор, додава МВР.

И од дежурната служба на граничниот премин Богородица велат дека на македонска страна нема застој, и е регистрирана вообичаена зголемена сообраќајна фреквенција и оти од спротивната страна на границата грчките колеги побавно ги обавуваат своите должности од за нив непознати причини. Поради тоа возилата за влез во Грција се задржуваат, чекаат од три до четири часа во меѓуграничнот простор кој речиси е споен со возила со македонската страна.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Сообраќајот низ другите државните патишта се одвива по суви коловози.