Водата во реката Брегалница пред Штип од пред неколку часа е целосно побелена и од неа се шири многу непријатна миризба. Како што информираат граѓаните загадувањето на реката започнало да се шири околу 17 часот и белилото од час на час станувало се поинтезивно.
Најмногу водата е бела пред населбата „8 Ноември“, кај новиот мост на Брегалница.
„Секој ден одиме по пешачката патека која се протега долж реката. Наеднаш почуствувавме непријатна миризба, некако како на поликолор и кога поголеднавме кон реката непријатно се изненадивме од белата боја на водата“, велат граѓаните кои во голем број шетаат по патеката покрај реката Брегалница која се протега на седум километри од населбата Македонка до штипско Ново Село.
Екипата на крим техника од Полициската станица-Штип и членовите на Здружението на спортски риболвци „Брегалница“- Штип попладнево земаа мостри од водата на реката Брегалница, која неколку часови е обоена во бела вода.
МИА беше на лице место кога се земаа мострите од каналот за отпадни води, кој излегува од стопанските објекти во кругот на поранешниот Текстилен комбинат „Македонка“.
Граѓаните кои се најдоа на лице место велат дека не виделе нешто такво слично во својот живот, во последниве 50 години сигурно ја немаат видено таква реката Брегалница и се загрижени за нивното здравје.
Ова е прв пат загадувањето на водата во Брегалница да биде со непозната бела течност, обично имало загадување од испуштање отпадни црни масла и истекување фекалии од стопанските капацитети.