Не 10 туку реално од 20 до 30 проценти треба да се зголеми цената на струјата за домаќинствата – тврдат енергетските експерти за Телма. Според нив, барањата на енергетските компании се реални поради високите цени на електричната енергија на берзите. Нивните проценки се слични со тие на Регулаторна, која кажа дека пресметките кои ги доставија енергетските компании, без ЕВН Хоум покажуваат дека поскапувањето треба да биде 38 проценти. Но пресметките на енергетичарите и Регулаторна не се исти туку тројно повисоки од калкулациите на Владата. Првите економски министри, беа децидни дека граѓаните по Нова година ќе добијат повисоки сметки за струја до максимум 10 проценти.
Јас и одамна кажав 20 до 30 посто е можда некое реално зголемување во овој момент за кај нас.Меѓутоа ќе видиме владата тука колку ќе помогне. Очекувам да биде така 20 до 30 посто. Тоа ќе значи секако голем удар врз домаќинствата не знам, можеби 25 проценти, не може сега вака од ракав да даваме цени- Антон Чаушевски, универзитетски професор.
За енергетичарите пак е јасно дека и да има политичка одлука, енергетската криза скапо ќе ја платаат пак граѓаните. Според нив сега го плаќаме цехот, на тоа што 30 години не сме инвестирале во енергетиката.
Мало покачување без субвенции од страна на Владата значи можеби негативно финансиско работење на компаниите, односно нивно не пропаѓање, меѓутоа нивно економски значи нефизибилно работење, значи со загуби. Додека пак високиот процент на зголемена електрична енергија ќе значи зголемени трошоци за граѓаните, домаќинствата, за стопанството – Антон Чаушевски, универзитетски професор.
Според него само набавките на јаглен и мазут ќе не чинат 100 милиони евра. Но, цената на производство од домашните енергетски ресурси е двојно пониска отколку да увезуваме, оти берзанската стигна и до 400 евра за мегават час. За спас од енергетската криза државата ги активираше сите домашни капацитети. ПОкрај РЕК Битола и РЕК Осломе, од пред неколку денови во погон е и еден блок на ТЕЦ Неготино. Извори од енерегетските компании за Телма потврдуваат дека Осломеј веќе неколку денови не произведува струја. Но, од ЕСМ уверуваат дека се тече според планот.
ЕСМ: Сите капацитети работат согласно Планот за производство, според кој се вклучуваат и запираат наизменично од различни причини поврзани со конзумот или планскиот ангажман на капацитетите. Планот за производство според конзумот на ЕВН Хоум предвидува зголемено роизводство во јануари и февруари 2022 година.
Енергетските експерти се децидни дека само домашното производство на струја во моментов е единствен спас за ублaжување на последиците од енергетската криза. Очекуваат дури мај-јуни идната година стабилизирање на цените светските берзи. Но предупредуваат дека и тогаш таа нема да се врати на нивото од пред кризата.
Регулаторна наредната недела ќе почне со пресметките, а конечната одлука за колку проценти ќе се зголеми цената на струјата за граѓаните од 1 јануари, ќе ја соопшти до крајот на месецов.
Александра Филиповска