Центарот на Скопје цел ден ќе биде затворен за посетата на Папата, бесплатен паркинг и автобуски превоз за сите

ИЗВОРСкопје24
|

На 7 мај за време на посетата на папата Фрањо на Скопје, затворен за сообраќај ќе биде центарот на градот односно појасот „Голем ринг“ од 6 часот наутро до 19 часот попладне. Посебни правила ќе бидат воведени и за движење на пешаците низ градот, како и на трасата кога папата ќе се движи од Меѓународниот аеродром Скопје до центарот на градот и обратно односно до 7.30 до 8 и од 17 до 18.30.

Во центарот на Скопје ќе се формира т.н. рестриктивна зона на движење, во која за автомобили целосно ќе бидат затворени улиците 11 Октомври од крстосницата со булеварот Кочо Рацин до крстосницата со улицата Димитрие Чуповски и улиците Даме Груев, Македонија, Васил Главинов, Филип Втори Македонски, Свети Климент Охридски и улицата Иљо Војвода.

„Министерството за внатрешни работи го задржува правото за стопирање на сообраќајот во кратки временски интервали и на други сообраќајници, во времето на движење на папата низ Скопје. Aпелираме до граѓаните на стрпливост и почитување на поставената сообраќајна сигнализација и наредбите што ги издаваат полициските службеници“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Граѓаните коишто живеат во централното градско подрачје, во зоната Голем ринг, доколку сакаат да ги користат возилата на 7 мај, треба да ги извадат надвор од рестриктивната зона еден ден порано односно на 6 мај понеделник. Доколку тоа не го сторат колите нема да можат да ги извадат од зоната за време на посебниот сообраќаен режим.

Од Координативното тело за посетата на папата Фрањо информираат дека сите паркиралишта низ градот ќе бидат бесплатни од 17 часот на 6 мај и во текот на целиот ден за време на посетата на папата. На 7 мај бесплтен ќе биде и автобускиот превоз.

„Апелираме до сите граѓани кои живеат на територијата на Град Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при одењето кон своите работни места и да избегнуваат користење на автомобили, велат од Координативното тело за посетата на папата на Скопје.

Исто така, од утре до 3 мај, уште три локации во центарот на Скопје за подигнување бесплатни билети за литургијата.

Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск на Република Северна Македонија, ги информира сите граѓани кои сакаат на 7 мај да присуствуваат на централниот настан, света литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје, дека освен во католичките парохии во државата, бесплатни билети ќе можат да подигнат и од три дополнителни локации, и тоа:

– на улица „Македонија” кај Меморијалната куќа на Мајка Тереза;

– на излезот од ГТЦ спрема Плоштад „Македонија“; и

– на влезот од Старата Скопска чаршија (поранешна Стоковна куќа Мост)

Дрвените штандови поставени на наведените локации во Скопје ќе работат од 9:30 до 17:30 часот, почнувајќи од утре, 30 април до 3 мај, кога е и последниот ден за подигнување на бесплатните билети за учество на светата литургија. Штандовите ќе служат и како точки за информирање на граѓаните за посебните безбедносни и организациски правила.

Посебниот автобуски и железнички возен ред за 7.5.2019 наскоро ќе биде објавен на веб-страната на ЈСП www.jsp.com.mk, на веб-страната на Железници на Република Северна Македонија www.mzt.mk, на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и на официјалната веб-страна за посетата на Папата Фрациск www.papa.mk.

Папата Фрањо при посетата на Скопје ќе одржи литургија на Плоштадот Македонија која ќе почне во 11.30 часот, ќе ја посети спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија, а ќе има средба со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и претставници на сите верски заедници во земјава.

Превземено од Сакам да кажам.мк