Ќе се делува на поскапувањето, но со какви мерки министерот Бектеши не откри. Повторно само најави дека ќе бидат донесени, или до крајот на оваа или на почетокот од идната недела. Го чека и неговиот колега, министерот за финансии Бесими, да заврши со ребалансот на буџетот. Дали ќе има ограничување на маржите, не прецизираше. Рече дека секојдневно добивал анализи од пазарниот инспекторат. Што точно пишува во нив не кажа, но тие биле важни за креирањето на мерките.
-Маржите лесна работа е да се ограничат. Можеме сега да седнеме на седница на Влада и да ги ограничиме. Но, ние сакаме дирекно да ги поддржиме ранливите категории на граѓани, затоа што поминавме тешка година, вели министерот за економија Крешник Бектеши
Бектеши испрати порака и до производителите на леб. Ако ја покачат цената ќе се соочат со мерки.
-Јас во неколку наврати сум ги повикал производителите на леб, особено оние во Скопје тие 4 до 5 компании, кои се најголеми и тие добро знаат што може да им се случи ако ја зголемат цената, додава Бектеши.
Изминатиот период, цените значително се зголемија. Каде е вината, дали кај трговците или кај производителите властите чекаат реакција од Комисијата за заштита на конкуренција, до која вицепрмиерот Битиќи, рече дека тој лично ќе достави преставка за да можат да постапат и да проверат дали фирмите картелски се договараат за цените. Месецов над 1.000 производи ќе добијат и повисоко ДДВ, а се очекува и млечна криза. Поради недостатокот на млеко, Битиќи најави одлуки, но како ќе се делува никој не знае.
Ирена Чачкова