„Министерството за економија целосно стои зад одлуката за намалување на цените на основните прехранбени производи, која ја донесовме пред две недели. Најмалку до 30 ноември, до кога е на важност оваа одлука, отстапување од неа нема да има. Сите производи што се опфатени со одлуката за намалување на цените на Министерството за економија ќе останат со даночна стапка од 5 %“, напиша на својот фејсбук-профил министерот за економија, Крешник Бектеши.
Во врска со одлуката на Министерството за финансии за повластена даночна стапка на одредени прехранбени произвиди, Бектеши напиша дека доколку има грешка во листата, таа ќе се коригира.
„Доколку во случај има техничка грешка во листата на производи опфатени со одлуката на Министерството за финансии за определување на добрата и услугите што подлежат на повластена стапка на ДДВ, тоа ќе биде коригирано на следната седница на Владата“, напиша Бектеши и ги повика граѓаните да бидат спокојни.
„Граѓаните да бидат спокојни. Мерките што ги носиме за заштита на стандардот на граѓаните даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи може само дополнително да се намалат, но не и да се зголемат“, потенцира Бектеши.