Под мраз одат цените на дел од прехрамбените производи, а нема да има ниту акциски промоции во маркетите. По два месеци континуиран раст, Властите се одлучија на мерки против поскапувањето. Од следната недела ќе се замрзнат сумите на производите со 5 отсто ДДВ. А пред да се случи тоа, трговците ќе имаат обврска линеарно да ги намалат цените за 10 проценти. До тогаш министерот Бектеши тврди дека нема да имаат простор за малверзации.
-Замрзнувањето на цените ќе биде со датум претходен, кој трговците не го знаат кој е тој датум, вели министерот за економија Крешник Бектеши
Во меѓувреме до Владата министерот Бектеши испрати и предлог со кој ќе се забранат и акциски продажби во маркетите. Оваа мерка ќе важи до крајот на ноември. Бектеши тврди – анализите покажале дека поскапувањето кое се случува изминатиот период е неосновано. За новите одлуки утре на средба ќе ги извести најголемите ланци маркети.
-Се носи ваква одлука затоа што се примети дека одредени ланци на супер маркети прават измама, со можностите да направат акциска продажба. Затоа тоа нема да можат да го прават до 30 ноември, и граѓаните ќе ја знаат точната цена на производот, а не да се носат во заблуда, додава Бектеши.
Планот е освен глоби, оние кои нема да ги почитуваат мерките да се стават и под клуч. Од пазарен најавија засилени контроли.
-Ќе се проверуваат сите субјекти без селекција, тврди директорот на Државен пазарен инспекторат Горан Трајковски
Креирањето на антикризните мерки е при крај. Планот е финансиски да се помагаат ранливите категории. Бектеши очекува неговиот колега министерот за финансии Бесими во наредните денови да ја извести Владата за пакетот мерки.
Замрзнувањето на цените е една од мерките за која бизнисот најповеќе се противеше. Според аналзиите пак цените во земјава пораснале за 46 проценти, додека во Европа за само 11 отсто. Најголемо поскапување е забележано кај овошјето и зеленчукот.
Ирена Чачкова