Цените пламнаа од јуни, мерки за спас во ноември – владата калкулира како и кому да помогне

|

Уште речиси два месеца граѓаните ќе се борат со високите цени. По стартот на грејната сезона се очекува да стапат на сила дел од владините мерки против поскапувањето. Што точно ќе биде донесено ниту вицепремиерот Битиќи не откри. Како и неговите колеги, министрите Бесими и Бектеши само рече дека ќе бидат креирани за да им помогнат на граѓаните. Но, како ќе се делува и кон кои категории ќе бидат насочени сè уште се утврдува. Најверојано овој пат нема да има замрзнување на цени и ограничени маржи. Битиќи очекува на седница на Влада да се донесе одлука и за млечна криза.

„Моето очекување е дека одредени мерки со почетокот на ноември би требало да бидат активни за нашите граѓани. Антикризните мерки нема да бидат поврзани со цени, ќе има мерки кон нашите граѓани кои сметаме дека се најранливи и да бидеме најповеќе фокусирани и за некој ден да бидат соодветно познати не дека не сакаме да ги кажеме имаме искуство со антикризни мерки не сакаме да донесеме мерка која потоа тешко може да се спроведе. Сакаме тоа да го елиминираме да не се доведеме во таква ситуација“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Вчера, дел од коморите изјавија дека никој од Владата не ги консултирал и за новиот пакет антикризни мерки дознале од медиумите. Битиќи, пак, тврди – нивото на комуникација меѓу Владата и бизнисот е најдобра во регион.

„Прво се консултираме да, и начинот и механизмите на консулатиции со коморите сметаме дека не само земјите од Западен Балкан, туку и пошироко може да ни завидат. Стопанските комори може очекуваат дека мерките ќе бидат за стопанството, напротив мерките ќе бидат кон граѓаните, а не кон трговците, па може би затоа се најдоа во ситуација и нè повикаа“, додава Битиќи.

Тој утринава имал состанок и со првиот човек на Комисијата за заштита на конкуренцијата од каде најавиле дека во најскоро време ќе проверуваат каде е вината за високите цени. Но, колку време ќе биде потребно за проценсот не се знае затоа што е сложен и може да трае и година дена.

Од јуни до сега цените на производите значително се зголемија. Особено кај овошјето и зеленчукот. Речиси 20 илјади денари во месецот му се потребни на едно четиричлено семејство да ги покрие само трошоците за храна и пијалоци.

Ирена Чачкова