Во текот на изминатата ноќ особено северните, северозападните и јужните предели од државава беа под поинтензивно влијание на циклонот Кристијан, кој веќе подолг период ја има зафатено нашата држава. Токму во овие делови имаше и поинтензивни врнежи од дожд додека поради релативно свежото време и поради падот на температурите на воздухот на планинските места имаше и поинтензивни снежни врнежи па така на скијачкиот центар Попова Шапка дојде до значително зголемување на снежната покривка, додека пак снежните врнежи продолжуваат со зголемен интензитет, известува Славчо Попоски.
Во продолжение погледнете ја снежната бајка која ни доаѓа од скијачкиот центар Попова Шапка:
Инаку поинтензивни врнежи локално ќе има и понатаму во следните часови додека пак локално во попладневните часови ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за ретка појава на град. Максималните дневни температури на воздухот пак ќе бидат релативно ниски и ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 15 степени па така доколку излегувте задолжително со вас да си понесете потопла облека но и чадор.
Трисетина сантиметри нов снег наврнаа ноќеска на зимско-рекреативниот центар Попова Шапка. Според вработените во сместувачките капацитети, снегот почна да паѓа во неделата околу 20 часот и во текот на ноќта формираше значителна снежна покривка.
-Може да каже дека снегот изненади. Последен пат имаше наврнато во февруари, а во март ниту еден ден немаше нов снег. Сега за кратко време се формираше покривка, а продолжува да паѓа и утринава, изјави Тихомир Ановски од сместувачкиот капацитет „Конак“.
Тој вели дека не верува оти скијачката сезона ќе продолжи, бидејќи во април температурите се повисоки и снегот брзо ќе се стопи.
-Се зависи од временските услови. Сепак е април и температурите се повисоки па очекувам снегот брзо да се стопи. Во секој случај би требало да го има неколку ден,вели Ановски.
Снегот го има и регионалниот пат Тетово-Попова Шапка, а според Ановски тешко е за движење поради постојаните врнежи. Може да се помине само со теренско возило, а не со патничко моторно возило.
Од Управата за хидрометеролошки работи велат дека на Попова Шапка во наредните денови според метеролошката состојба се можни и нови врнежи од снег.