„Чудо“ од шест метри во дворот на Велковски, банани растат и во Скопје (ГАЛЕРИЈА)

ИЗВОРСкопје24
|

Луѓето се воглавно импресионирани кога ќе го видат чудото од шест метри, кое со своите двометарски листови речиси го покрива моето мало дворче. Вака ни рече скопјанецот Ивица Велковски, во чиј двор зреат банани, како нетипично овошје за овие простори.

– Стеблото го добив пред нешто повеќе од две години од мој роднина кој ги одгледува подолго време. Всушност добив два млади изданока, кои ги посадив во мојот двор веднаш до фонтаната. Знаев дека бананата покрај високите температури бара и голема влажност на земјата и воздухот, како и многу хранлива подлога. Така почна предизвикот да се дојде до целта, а тоа е плод од ова егзотично растение. Со малку среќа и многу внимание и љубов, успеав да го надоместам недостигот на природни климатски услови кои ѝ требаат на бананата – за Плусинфо раскажа 45-годишниот Велковски.

За вкусот рече дека треба да се почека до крајот на летото, кога очекува да созрее плодот.

– Убеден сум дека бананите ќе бидат одлични затоа што се наши – рече Велковски, кој по професија е дипломиран туризмолог.

Тој за себе вели дека е голем љубител на природата, а предизвик му се атипични видови од тропските и медитерански краишта, за кои рече дека му даваат чувство и амбиент како да живее покрај море.

– Во мојата егзотична збирка, покрај бананата, ќе видите и авокадо одгледано од семка, мандарини, бамбусова трска, маслинки, јасмин, разни палми, но и многу други растенија карактеристични за краишта со потопла клима. Моите најблиски ги прифаќаат како моја голема опсесија и нешто со кое мораат да го делат животниот простор се додека не направам стаклена градина, во која би имал услови да уживам во своето хоби – додаде Велковски.

Целиот текст прочитајте го на Плусинфо ТУКА.