Застани на каменот во манастирот Свети Никита, сврти се трипати, поклони се и замисли желба, cветецот ќе ти ја исполни желбата што ја замисли.
Многу Македонци, па и странци, патот ги носи во малиот, стар манастир, посветен на Свети Никита. Манастирот е сместен на падините на планината Скопска Црна Гора, помеѓу селата Горњане, Бањани и Чучер.
Постои верување дека црквата датира уште од 11 век, но подоцна, манастирот бил разурнат. Во 1284 година доаѓа Царот Милутин и го возобновува овој манастирот повторно. По раскажување од народот Царот Милутин дошол во Скопје и решил повторно да го обнови овој манастир. Оној кој ќе застане на светиот камен ќе му се отстрани болката и ќе му се најде решение за маката.
Моќта не е во каменот, туку моќта е во коските под каменот. Стоејќи на каменот, верникот полесно се поврзува во Бог и неговата мака или желба полесно ќе биде чуена и решена со помош на силната верба. За еден човек да си ја каже маката, постои мал ритуал. Прво што треба да направи човекот е да влезе во црквата и да запали свеќа. Тогаш клисарот го трга тепихот под кој стои каменот. Потоа човекот застанува со лицето накај олтарот. Се прекрстува, прави круг и се поклонува свртен кон олтарот. Ова треба да го повтори три пати. Кога ќе заврши последниот круг ја кажува молитвата “оче наш“. На крај си ја кажува својата мака или желба.
Доколку имате некоја желба и верувате во моќта на големиот Никита чудотворец тогаш упатете се накај падините на Скопска Црна Гора каде чудата се случуваат.