Да не се политизира случајот и да биде разрешен во најбрз можен рок, бараат пациентите од Онкологија

|

Сакаме во истрагата да бидат вклучени претставници од сите партии за да не се заврши ова со коментарот политика, изјавија пациентите од Онкологија на денешната прес – конференција пред Јавното обвинителство.

Како што истакнаа, она што им е пренесено од страна на Јавното обвинителство на денешната средба, на која беа повикани како резултат на нивното барање искажано на протестот, е дека постапката е отпочната и дека поради обемот на материјалот што се разгледува, на неа работат двајца обвинители.

– Нè осигураа дека доколку текот на истрагата побара и трет обвинител, тој ќе биде повикан и ќе биде дел од оваа истрага, се со цел да може да се покријат што е можно повеќе истории, изјави пациентката Ана Маријановиќ.

Таа додаде дека на средбата посочиле неколку сознанија поврзани со случајот добиени од пациенти на Онкологија и апелираше до сите кои се соочуваат со ваков проблем да истапат напред со цел да му се помогне на Обвинителството истрагата да ја движи во вистинска насока.

На новинарското прашање дали сестрите и докторите сè уште работат на Онкологија, Маријановиќ истакна дека тие ќе продолжат да бидат таму бидејќи од нив им зависат животите на пациентите и им оддаде благодарност на оние што и во вакви услови продолжуваат да се грижат за пациентите.

Во врска со истрагата, Маријановиќ истакна дека таа се базира на она што беше објавено од новинарка како нејзина истрага и дека не знаат до каде е истрагата на Обвинителството и што тие имаат како дополнителни информации.

– Она што е наше овде да го кажеме е дека има луѓе кои и досега, и после она што е дел од истрагата се јавиле да си го кажат своето. Нашата идеја е да повикаме уште повеќе. Колку сме помасовни во изјавите, во проблемите, толку оваа работа повеќе ќе се разреши, рече Маријановиќ.

Пациентката Вања Мицевска истакна дека ова беше првата средба со Обвинителството и дека ќе продолжат да доаѓаат на повик на обвинителите со цел да има подобри здравствени услуги за сите пациенти.

Анжелика Колева, во името на пациентите на Онкологија, истакна дека нивните барања се најпрво одговорност и вистина.

– Да се направат детални испитувања и длабински да се прочешлаат историите, број на истории кои се чешлаат, дали е веќе формирана и кои профили на доктори се во составот, листа на лекови, дали станува збор за венска или таблетарна терапија, колку години наназад се случува ова, имаме барање по случаен избор да се одберат онколошки пациенти кои ќе имаат континуиран увид на истрагата и од истрагата ќе сведочат за веродостојноста, нагласи Колева.

Тиа апелираат до сите кои имаат било кавки информации за неправди, небулози, затајувања, сомнежи за погрешно терапирање и лекување да го контактираат Обвинителството и инсистираат овој случај да биде разрешен во најбрз можен рок поради итноста на болеста и терапијата.

MИА