Да се укине задолжителното вакцинирање: Група родители поднесоа иницијатива до Собранието

ИЗВОРСкопје24
|

Граѓанска организација на родители достави иницијатива до Собранието за измени на Законот за здравствена заштита со која се бара вакцинирањето на децата да не биде задолжително, туку родителот да има право на избор дали детето ќе се вакцинира и кога.

За иницијативата денеска требаше да се расправа на Комисијата за политички систем, но седницата беше одложена поради немање кворум и дебатата ќе започне по претседателските избори.

Ние не сме антиваксери, но бараме родителите да имаат право да изберат дали ќе го вакцинираат детето или не. Додека не сме сигурни дека вакцините се безбедни, ќе има борба меѓу родителите како нас од една страна и министерот за здравство, рече Елена Павлеска, предлагач на иницијативата, на која се потпишани 130 родители.

Павлeска не сакаше да коментира врз основа на кои сознанија и факти ги базираат сомневањата за безбедноста на вакцините и дали во време на епидемија на морбили ваква иницијатива е корисна.

Поради зголемен број на заразени деца од морбили, на 2 јануари годинава беше прогласена епидемија во Скопје. Причина за ширење на заразата според здравствените власти беше намалениот број на вакциницирани деца кој бил околу 70 проценти, а за да се гарантира колективното здравје потребно е да бидат вакцинирани околу 95 проценти од популацијата.

На децата кои не беа вакцинирани им беше забрането да одат во градинка или на училиште.

Од компликации на вирусот во Скопје починаа неколку лица, меѓу кои и бебе од 6 месеци.

Епидемија на морбили беше прогласена и во Струга.