Дали би платиле 2.000 денари за Чибичан? Омилената играчка од 90-тите се враќа во продажба

ИЗВОРСкопје24
|

Ако бевте (мало или големо) дете во 90-тите, сигурно во џебот носевте Тамагочи играчка, попозната кај нас како Чибичан.

Ова дигитално милениче почна да го продава компанијата Bandai од Јапонија во 1996 година и за кратко време го освои светот – по првото лансирање на пазарот продадени се над 82 милиони примероци.

Во време кога брендовите сериозно кешираат на носталгијата на децата од 90-тите кои сега се возрасни и би платиле богатство за да добијат делче од нивното безгрижно детство, Чибичан се враќа во продажба.

Компанијата што ги враќа на пазарот, Bandai America, ќе ги продава по цена од 34 долари, односно речиси 2.000 денари.
Класичниот модел би требало на корисниците да им ја разбуди носталгијата за детството бидејќи ќе содржи сѐ што потсетува на оригиналната верзија. За да го одржат во живот нивното дигитално милениче, сопствениците ќе треба редовно да го хранат, да му даваат вода, да го воспитуваат и да го заспиваат навреме.

Се очекува новиот Чибичан да биде достапен во осум модели.

Реакциите за враќањето на омилената играчка од 90-тите се измешани.

„Едиственото нешто за кое бев насекиран пет години беше дали Чибичан е жив“, гласи еден носталгичен коментар.

Многумина се присетија дека една од најголемите препреки во одржувањето на Чибичанот во живот беше забраната да се носат на училиште.

„Понекогаш мислам дека ќе бидам лоша мајка бидејќи дозволував да умре и почнував од почеток“, напиша една корисничка.

Сепак, за некои деца од 90-тите цената од 34 долари е сепак премногу висока.

„За тие пари, подобро ќе го имам само сеќавањето на 90-тите“, искоментира еден корисник на социјалните мрежи.

Дали сте вие дете од 90-тите? Дали би ја платиле оваа цена за да „вратите“ дел од детството?