Пронајдено е запалено возило ауди во реонот на Сарај за кое се истражува и проверува дали е автомобилот за бегство на егзекуторот од Ист Гејт Мол кој во вторникот ги застрела Раде Трајковски познат како Штекли и Димитар Трајчов викан Колумбо. Автомобилот е префрлен во објект на МВР и се прават анализи. Од обвинителството досега немаат официјална потврда дека станува збор за автомобилот со кој од пред Општина Гази Баба избегал егзекуторот.
Според потврдени информации на КОД, објавени вчера на Телма, по нападот врз Штекли, егзекуторот излегол од трговскиот центар, минал низ подвозникот кај хотел „Континентал“ и на булеварот во близина на Општина Гази Баба се качил во црно ауди без регистрации, по што му се губи трага. Пред инцидентот, непознатиот стигнал со такси од Чаир. Најдени се седум чаури на местото на настанот, а од прибраните траги кои се вкрстени, утврден е делумен отпечаток и ДНК профилот на лицето фатено на камерите во Ист Гејт како пука во двете жртви кои го преживеаја нападот.
Иако првично, како мотив е наведена пресметка меѓу двата криминални клана од Скопје, ова е првпат напад да се случи на јавно место пред многу случајни минувачи.
Додека полицијата води официјална истрага која е интензивна, но без резултати, на социјалните мрежи, особено на ТикТок, се водат паралелни улични истраги во кои има и закани за предавство. Но, има и споделување на фотографии, како оваа од црно ауди снимено во Чаир на безбедносна камера, со коментари за учество на полициски инспектори во криминалните банди, па дури се посочуваат и лица дека го издале излегувањето на Трајковски- Штекли од фитнес центарот во Ист Гејт пред тој да биде нападнат.