Дали ова е најубавото село во Македонија?

ИЗВОРНов Лист
|

Во пазувите на планината Бистра, лежи Галичник, за упатените – синоним за автентичност, мајсторско копаничарство, уметност, преродбеништво, впечатливи традиционални битови обичаи и архитектура, неверојатно вкусно сирење и кашкавал.

За оние кои не го познаваат – Галичник е свет кој неизоставно мора да се открие, зашто во него духовноста и инспирацијата создале чудесни богатства.

Галичник е изразито планинско село од збиен тип со најголема надморска височина меѓу реканските села од 1200 до 145 м.н.в. По својата местоположба и по конфигурацијата на земјиштето е необичен. Амфитеатрално е поставен, свртен кон Дебарското Езеро. Околината му е карпеста но и полна со шума, вода, планински реки, ливади, ледини и големи планини обраснати со трева за напасување на селскиот добиток, големите стада овци и коњи. Сместен е во западниот дел на планината Бистра, над него на северната страна се издига Говедарник, со врвот Меденица со 2163 м.н.в. , а на јужната страна се отвора кон Дебарското Езеро од каде по долината на Дрим и Радика допира медитеранска клима.

На земјината топка постојат населени места кои според значењето што го добиле со текот на настаните, се издвојуваат од рестото села и градови. На по малку необјснив начин тие делуваат како да впиле чудна енергија та зрачат низ времето со луѓе и со збиднувања што ја бележат епохата или историјата воопшто. Речиси и нема нација која сопствениот идентитет и дух на одреден начин, не го врзува за некој конкретен локалитет. Така Русија ја има својата Јасна Полјана, Америка Бафало, а Шпанија Герника. Ако е така, тогаш и Македонија го има својот – Галичник.