Возачите кога треба да патуваат низ земјава, често се случува на патиштата да се соочат со различни диви животни, кои во потрага за храна дури можат да ги уништат заштитните огради на патиштата претрчувајќи преку коловозот може да се случи и судир со возило. Внимание во јавноста предизвика и бројката од три несреќи со диви свињи, што изминатиот викенд и неколку дена претходно се случија на автопатот Скопје – Тетово. Проблем не се само дивите свињи туку и други животни, како срни, елени и зајаци. Сите тие, и покрај поставената заштитна мрежа, успеваат да излезат на автопатот и да предизвикаат несреќи.
КОЈА Е ПОСТАПКАТА ДОКОЛКУ ВИ СЕ СЛУЧИ СОО*РАЌАЈКА СО ДИВО ЖИВОТНО
Од осигурителните компании велат дека процедурата е многу едноставна. Доколку на возач му се случи несреќа со диво животно, на автопат каде што има заштитни огради, првенствено што треба да направи е да го пријави случајот во МВР, од каде што треба да дојде екипа што ќе направи записник. Велат дека одговорноста паѓа на правното лице под чија надлежност е патот каде што се случила несреќата, до каде што пристигнува побарување, откако проценител ќе направи процена на настанатата штета. Со фактурата за поправка на возилото, потоа се доставува побарување до правното лице, кое треба да ги исплати средствата потрошени за поправка.
Доколку, пак, станува збор за друг пат што не е автопат, во тој случај од осигурителните компании велат дека возачите треба да внимаваат на сообраќајните знаци, бидејќи во некои делови постои и предупредување што ги информира возачите дека на патот е можно да излезе животно. Во тој случај, доколку им се случи сообраќајка, товарот паѓа на возачот, односно, според законот тие би биле виновни, за што може да добијат и казна.
ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ
Членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вели дека „на автопат, експресен пат или пат резервиран за моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според овој закон не се сметаат за моторни возила“.
Членот 41-а од Законот за јавни патишта, пак, вели дека „заради обезбедување посебен режим на сообраќај на автопат и магистрален пат на кој е воведен систем на наплата на надоместок за употреба на патот, како и за да се спречи неконтролирано движење на луѓе и диви животни на коловозот, на надворешниот раб на патниот појас континуирано се поставува заштитна ограда“.
Според членот 68, „инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши за државните патишта Државниот инспекторат за транспорт преку Државните инспектори за патишта, а за општинските патишта и улици овластениот инспектор за патишта на општината, односно Градот Скопје.“
Според надлежните од „Македонија пат“, сепак најголем проблем се клучките околу населените места каде што граѓаните чуваат добиток, а проблем се и граѓаните што ја крадат мрежата, па животните можат слободно да излегуваат на патиштата.