Сте се запрашале ли некогаш зошто во Грција куќите се во бела боја со сини кровови и прозорци? Верувале или не, куќите не се обоени во овој стил бидејќи истите бои можат да се најдат и на грчкото знаме. Причината има многу попрактична природа и е поврзана со епи*емијата на колера.
Според наводите на сајтот „Greek Reporter“, повеќето куќи на Наксос, Парос и другите кикладски острови се направени од камен бидејќи на островите овој материјал е подостапен во однос на дрвото. Но, поради тоа што куќите од камен особено ги привлекувале сончевите зраци, во нив за време на летата било многу топло. За да си го олеснат животот во текот на ова годишно доба, многу сопственици на куќите одлучиле да ги обојат во бела боја. Ова е една од причините која ја објаснува зачестеноста на белата боја на градбите во Грција.
Белата боја вршела уште една функција во текот на 30-те години на минатиот век, кога во Грција владеела епи*емија на колера. Имено, во 1938 година, за време на владеењето на диктаторот Јоанис Метаксас, на секој жител во земјата му било наредено да го обои својот дом во бела боја за да се спречи епи*емијата. Причината за изборот на оваа боја лежи во фактот дека белата порано се правела од вар, кој во тоа време се користел за дезинфекција.
Што се однесува до сината боја, таа започнала да се појавува во исто време бидејќи исто така содржела вар, а освен тоа била поевтина од белата боја. Покрај вар, во нејзиниот состав имало и син талк за чистење, во Грција познат како „loulaki“. Тој бил достапен во повеќето домови, па било природно граѓаните, како контраст на белите фасади, да ги обојат своите прозорци и кровови во сина нијанса.
36 години подоцна, во Грција и понатаму владеела воена диктатура, а жителите на Киклади и многу други острови добиле нов декрет – нивните куќи морале да бидат обоени во сина и бела боја и тоа од патриотски причини!
Овие прописи денес повеќе не се актуелни, но многу домови во Грција и понатаму ја задржале оваа комбинација од 2 бои, а не е ни тешко да се разбере зошто. Таа во меѓувреме стана препознатлив стил на оваа земја, кој подеднакво добро го прифатиле и локалците и милионите туристи кои секоја година ги посетуваат прекрасните брегови на Грција.