Економијата како безбедносна дилема
Една држава никако не може да се смета за успешна ако нејзината економија континуирано стагнира. Без сериозна материјална база нема ниту здравство, ниту одбрана, ниту култура. Покрај очигледните проблеми, низок стандард на живот има и сериозни безбедносни импликации. Низ историјата, економските причини воделе до колапс на комплетни државни системи. Еклатантен пример е Советската Империја, која не пропадна поради пораз на бојно поле, туку преку внатрешен економски колапс. Слично е и со Југославија.
Што поограничени се ресурсите, толку пожестока е борбата за преземање на тоа малку што останува од страна на разни регионални, идеолошки или етнички групи. Внатрешното незадоволство тлее, населението е подложно на пропаганда, државните структури се лесна мета за корупција од странски фактор, а безбедносната машинерија нема пари ни за чизми. Резултатот е внатрешен конфликт, при што централната власт ја губи моќта да ја контролира својата територија. Ова е точно за хомогени општества и геостратешки неважни држави. Замислете каква е дестабилизирачката моќ има слабата економија врз едно мултиетничко општество или држава каде што многу сили се борат за влијание.
Повеќе од јасно е што треба да биде врвен приоритет на Македонија. Само клима во која ќе се ослободат креативните сили на пазарната економија ќе доведе до неопходниот забрзан економски раст и преживување на државата. Декларативно нашата држава веќе има слободна пазарна економија. Но, ова тврдење е ставено под знак прашалник поради наследството од комунизмот, дефектите од транзицијата, големината на уделот на државата во БДП-то и во пазарот на труд, како и партизацијата на државниот апарат.
Јавен сектор – вработувања и тендери
Големината на јавниот сектор е веќе клише тема. Но, не е доволно да зборуваме само за бројката на луѓе кои своите месечни примања ги добиваат од државниот буџет. Поважно е да се каже дека во јавниот сектор платите, бенефициите и сигурноста на работното место се значително поголеми од тие што би ги имал работникот на иста или слична позиција во приватниот сектор. Ова е посебно точно за јавните претпријатија, државните компании или разните агенции. Да не зборуваме воопшто за бројните комисии, совети и управни одбори, од каде што се црпат месечни паушали, често и без никаков ангажман. Ние често зборуваме за административците, но тие се најмалиот проблем во целата приказна.
Еднакво дисфункционална е и состојбата во однос на јавните набавки во Македонија. Сè уште не се поставени никакви критериуми за квалитет или за напумпаноста на цените. Постојат огромен број на дупки за изигрување на законската регулатива и има недостаток од каква било контрола врз законитоста и оправданоста на начинот на којшто се трошат средствата на граѓаните. Овој дуализам на вработувања и јавни набавки води до расфрлање на вредни ресурси, ги нарушува механизмите на пазарна економија и ги деградира моралните вредности во општеството.
Очигледни и скриени последици
Очигледни е дека вака поставениот систем води до масовно расфрлање на државни ресурси, кои би можеле да се потрошат на продуктивен начин. Додатно, на индиректен начин плаќаме преку слабиот квалитет или доцнење со услугите кои јавниот сектор треба да ги испорача. Моменталниот режим на јавните набавки, покрај до напумпани цени, води до високи трошоци за одржување, нефункционалност или краток животен век на купените добра или изградени објекти.
Скриена последица е тоа што ваквата поставеност на државата во однос на економијата креира дисторзија на пазарната економија. Пазарот на труд трпи големи пореметувања, поради тоа што големите плати и бенефиции ги одвлекуваат работниците од приватниот сектор кон државниот сектор или политиката. Доколку формулата за доаѓање до повисоки примања и удобен живот е да се вработиш во јавниот сектор, зошто би се трудел да се усовршуваш во тоа да бидеш добар доктор, инженер, адвокат, земјоделец, фабрички работник или слично? Исто така, против бизнис логиката би било една компанија да се бори на домашниот или светскиот пазар преку создавање нов, квалитетен и конкурентен производ или услуга, кога може да влече огромни профити преку продажба на добра и услуги на државата.
Скриената последица е многу поопасна од очигледната. Мотивацијата за работа, креативност и борба е убиена. За сметка на тоа, единствена рационална цел станува додворувањето на политичките елити, како би се добил пристап до државните ресурси во форма на работно место или тендер. Најамбициозните во еден ваков систем, наместо да се стремат да создаваат големи компании, да освојуваат нови пазари, или креираат револуционерни изуми, тие се борат да ја преземат оваа клиентелистички пирамида.
Згора на се, деградирано е значењето на трудот и знаењето, поради очигледноста на тоа дека до овие бенефиции се доаѓа на нефер начин. Само да си спомнеме на сите мајки, браќа, жени, кумови и слично, кои дошле до вработувања или тендери. Како сакаме да имаме здраво општество, кога не се цени квалитетот и ресурсите се распределува по критериумот роднина или следбеник? Како да не сме една модерна држава, туку племенска заедница.
Предуслов за промена
Премногу зборови за проблемите и нивните ефекти. Сепак, од исклучително значење беше да се потенцира макро-економскиот и моралниот импакт на моменталната поставеност на државата према економијата. Тоа ќе доведе до подобри решенија и подигање на свеста за потребата на истите. Тие се очигледни, но не се пријатни. Најважно, невозможно е да се спроведат ако нема политичка волја.
За жал, нашите партии – како клучни мобилизатори на политичка волја – се заробеници на објаснетиот клиентелистички систем. Тоа е очигледно од фактот дека, без разлика на идеолошките и програмски определби, главниот метод на функционирање е ист. Имено, главниот инструмент за победа и владеење е трговијата на гласови за вработувања или други придобивки. Парадоксално, тука не страда само државата, туку и најмоќните политички лидери. Тие ја губат флексибилноста во носењето на своите одлуки и трошат драгоцено време да ја нахранат на гладната машинеријата и да посредуваат помеѓу фракциите кои се борат за што поголем дел од колачот.
Затоа, прв чекор мора да биде промена на оваа парадигма. Наместо, евтини пресметки, бесцелни маршеви и иронични пресови, треба да се создаде сеопфатна идеолошка матрица, која ќе има гравитациска моќ поголема од материјалните ресурси. Потоа, треба да се индоктринираат партиските структури и да се обучат понатаму да ја шират пораката и енергијата. Само таква идеолошка наелектризираност и насока за иднината, ќе може да ги одлепи партиските активисти од моменталната понуда на работни места, тендери и функции. Тоа ќе им го отвори патот на лидерите да ги спроведат тешките реформи и да се пресметаат со интересните групи кои се против прогресот на државата.
Пет точки за кои нема компромис
Прво, мора да се расчисти со партизираната и партизирана администрација. Мора да се направи детална анализа за тоа кои од постоечките работни позиции се воопшто потребни, а кои се измислени за вдомување на лојалисти и роднини. Овие од вториот тип мора да се укинат. Откако ќе се направи тоа, мора да се направи сеопфатна ревизија за тоа дали некој е кадарен да биде на работното место. Не смее никако да се навлегува во тоа кој како го добил работното место. Тоа би бил ѓаволски процес. Голем дел од луѓето кои добиле партиски или роднински вработувања, не значи дека не ги заслужувале. Напротив, трагично е што морале на тој на чин да ги добиваат. Концентрацијата мора да биде на моменталната состојба. Сите кои не треба да бидат на некоја позиција ќе бидат заменети со кадарни лица.
Второ, во трговските друштва во државна сопственост и агенции – покрај наведените работи погоре – мора да се изврши и израмнување на високите плати кои се делат таму со тие во приватниот сектор. За да се спроведе тоа, како и да се елиминираат сите други неефкиасности, на пример трошоци за луксузирање на функционери, најдобро да има што сепоофпатна приватизација на тие друштва што сè уште се во сопственост на државата. Зборот приватизација е многу омразен кај нас, но по дефиниција компаниите во приватна сопственост се поефикасни од тие во државна. Приватизацијата нема да само да донесе намалување на трошоците, туку и развој на технологија, нови менаџментски техники и повеќе даночни приливи.
Трето, мора да се направи скенирање на сите управни одбори, комисии, совети и слично од кои се излеваат по некои проценки нешто околу 2% од нашиот БДП годишно. Тие се најверојатно најнепродуктивното ткиво на државата. Голем дел од нив ќе мора под итно да се укинат. Подобро е да се даде повеќе пари на квалитетен менаџмент, од што истите пари да се трошат на овој начин.
Четврто, мора да се воведе силна контролата на јавните набавки и да се воведат јасни насоки за што воопшто треба да се трошат пари. Незамисливо е да се купува луксузен мебел во ситуација кога во многу училишта децата немаат основни хигиенски услови. Контролата мора да се врши преку нова, моќна, опремена институција која ќе врши ревизија не само на законитоста, туку и на оправданоста на јавните набавки. Оваа институција мора да се поврзе со посебно одделение во јавното обвинителство, кое ќе биде специјализирано за гонење на кривични дела од оваа сфера. Можеби потреба е и промена на законската регулатива со цел казните за злоупотреба да се направат поригорозни.
Петто, државата мора да одвои средства за граѓански здруженија на централно и општинско ниво коишто ќе ги следат сите процеси во институциите, ќе откриваат нерегуларности и злоупотреби и ќе имаат отворени канали до медиумите за презентација на истото.
Тешко, но со огромен бенефит
Несомнено е дека чекорите коишто се предлагаат погоре не се лесни. Напротив, тие се тешки и непопуларни за политичките елити, но и за индивидуите кои се инкорпорирани во овој систем. Но, од нивното спроведување зависи дали ќе се давиме во статус кво или ќе одиме напред.
Уредувањето на состојбите ќе има повеќекратен бенефит. Најголема е тоа што ќе се коригираат моменталните дисторзии на пазарот. Тоа значи дека, повеќе индивидуи и компании ќе го бараат своето место и просперитет на слободниот пазар. Тоа ќе придонесе до поголем БДП и зголемени даночни примања.
Средствата коишто ќе се заштедат и додатните даночни приходи ќе ослободи простор за други работи. Приоритетно би било тоа да се капитални инвестиции, како реновирање или изградба на нови училишта, студентски домови, прочистителни станици, патишта, полициски станици, затвори, болници, амбуланти, водоводи, енергетска ефикасност и што уште не. Посебно ќе треба да се размислува на стратешки важни инвестиции како енергетски објекти и патна инфраструктура. Добро е да се креира политика што повеќе од производите или услугите кои ги купува државата да бидат со македонско потекло. Ова нема да доведе само до поквалитетен живот за сите нас, туку и самите инвестиции ќе ја раздвижат економијата. Замислете само колку работа ќе е потреба ако државата реши да изгради 50 нови училишта, дали во форма на проектанти, градежни активности или опрема. Се тоа повторно ќе се слее во економијата.
Друга сфера начин на кој може да се алоцираат заштедените средства е зголемување на расходите и платите во области од клучен интерес. Тука се пред сè образованието, полицијата, здравството, културата, екологијата или социјални трансфери. Последното е посебно добро, затоа што кога ќе се зголемат примањата на лицата во ниските доходовни категории, тие ја зголемуваат својата потрошувачка пред со во прехранбени продукти и потребни нелуксузни продукти, кои најчесто се од домашно производство. Уште едно забрзување на домашната економија и подобрување на надворешно-трговскиот биланс. Обратно, дебело платените функционери, имаат тенденција да купуваат странска луксузна стока и патувања во странство што е еднакво на излевање на парите од државата.
Конечно заклучок
Детектирањето на овие маани и решенија не беше воопшто тешко. Тешко е политичките елити, но и целото општество, да соберат сила и храброст да ги направат потребните длабоки резови кои ќе исцртаат длабок ров помеѓу нашето минато и нашата иднина. Потребен е тежок и болен хируршки зафат, а не козметика. Но, колку и ова страшно да звучи, ова е потребно за во комбинација со реформи и во приватниот сектор да имаме раст од повеќе од 6% годишно. За потребните реформи и политики во приватниот сектор, повеќе во наредниот текст.
Авторот е магистер по меѓународно право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори.