ДЕЛ IV: Прагматично Позиционирање на Глобалната Арена: Цели, предуслови и механизми

Колумна на Владимир Бошњаковски.

ИЗВОРСкопје24
|

Македонскиот национален наратив е доминиран од неправдите и трагедиите, кои што последните век и половина ги имаат нанесено на овдешниот народ. Така често зборуваме за тоа кој ни згрешил низ историјата, кој колку не сака или мрази или колку не е фер меѓународната заедница со нас. Опсесијата со таа реторика – која напоменувам е во голема мера точна – креира ментална матрица која не довела до многу порази во минатото, но исто така не осудува на нови идни грешки. Политичките лидери, од наивност или од интерес, ја засилуваат оваа тенденција. Реалноста пак е дека од овој менталитет на жртва и самосожалување, не постои никаква корист, освен ако не се злоупотребува како алатка на популистите за политички поени или како оправдувања на неспособните за нивните неуспеси.

Една стара лекција за меѓународните односи може да ни помогне да избегаме од оваа колективна ментална стапица. Таа ни доаѓа од делото на таткото на историјата – Тукидит. Пишувајќи за Историја на пелопонеските војни помеѓу Атина и Спарта (431-404 п.н.е.), тој се осврнува на една епизода каде што Атина става под опсада еден мал сојузник на Спарта – островот Мелос. Лидерите на Мелос, во неможност да се одбранат од супериорна борбена спремност на Атињаните, решиле да се повикаат на правдата како инструмент за одбрана. Тие ниту провоцирале, ниту навредиле некого, па би било неправда да бидат уништени. Парадоксално, атинскиот генерал се согласува со тие тврдења, но ги исклучува како ирелевантни, при што го изложува најфундаменталниот факт за меѓународните односи: „правата, што се однесува до реалноста, се прашања меѓу тие со еднаква моќ… додека силните прават што сакаат, слабите го страдаат тоа што мораат.“

Екстремно е важно да се научи оваа лекција, не за човек да се помири со реалноста, туку за да се справи со неа. Неспособнота за соочување со реалноста води до бес, емотивно размислување и избрзани реакции. Ова ја влошува нашата позиција, во која и онака имаме мала маргина за геостратешка грешка, која е детерминирана од моќта на државата и компетитивноста во географскиот регион. А ние сме држава со инхерентна внатрешна нестабилност поради етно-религиската хетерогеност, слабите институции, неразвиената економија и технологиската уназаденост. Истовремено, живееме во турбулентен регион, кој уште ги нема помирено демоните од минатото, ниту финално дефинирано меѓудржавните граници. Во оваа брутална реалност мора да бидеме екстремно внимателни, ладнокрвни и рационални. Простор за идеализам имаат моќните или географски безбедните држави. Ние се бориме за преживување.

Со оглед на наведеното, прво нешто што треба да се направи во однос на македонската надворешна политика – што е точно и за многу други области – е сите ние да разбереме дека правдата, бесот или поетските говори на политичарите не ја пишуваат историјата. Моќта го прави тоа, А таа не извира од некаков историски наратив, право или чесност. Моќта доаѓа од фундаментите на реалноста како географијата, демографијата, економијата, технологијата, организациската и образовната култура, како и од стратешките сојузништва. Ние мора да заборавиме што е фер и што е праведно, а за сметка на тоа да се фокусираме на тоа што е реално и што е во наш интерес.

Општи цели

Зајакнување на меѓународната позиција на една државата никогаш не е цел сама по себе, туку треба да води некакви поконкретни достигнувања. Во нашиот случај и во оваа фаза на развој, најопштата стратешка цел би се дефинирала како: „зајакнување на одредени фактори кои се клучни за внатрешниот развој и стабилност од кои што зависи преживувањето на државата.„Таа општа цел се конкретизира преку три категории, и тоа: безбедносни, економски и технолошко-образовни интереси. Мора да се напомене, овие фактори не се одвоени еден од друг. Тие се зависни еден од друг, па така може и да се тргува помеѓу позициите во различни точки или слабостите на едно место да се компензираат со сила во друго.

Примарен приоритет на едно општество е безбедноста и стабилноста. Без нив не може да пости ништо друго, па така се друго е од второстепено значење. Овој приоритет се постигнува, пред се со работа дома, но една добра надворешна политика може да даде огромен допринос во ова поле. Така, нашата надоворешна политика треба да донесе до: стапување во стратешки воени сојузи на мултилатерално, но пред се на билатерално ниво, поволна набавка на оружје, размена на разузнавачки информации, вклучување на наши безбедносни структури на што повиски задачи при интеревенции во трети држави и размена на разузнавачки информации.

Успешното реализирање на горенаведените цели ќе доведе до подобра позиција за зачувување на државата во нејзините постојни граници. Исто така ќе доведе до зголемена релевантност на регионално и мултилатерално ниво. Тој кредибилитет може да се искористи во постигнување на други цели. Додатно, интегрирање на нашата држава и економија во воено-индустрискиот комплекс на САД и НАТО алијансата – за што е потребен многу поголем напор од просто зачленување во НАТО – би значело и интегрирањето на наши економски субјекти во производството и продажба на оружје и делови за наоружување, храна, облека и опрема за војниците, како и бројни услуги за одржување на воените бази или реконструкција на држави и региони.

Втора компонента на општата цел се манифестира преку користење на надворешната политика за засилување на факторите кои што водат до внатрешен економски раст на државата. Мораме да имаме силна трговска политика која ќе води до отворање на нови пазари и партнерства, преку силна промоција на македонскиот извоз во форма на производи и услуги во традиционално силни гранки како градежништвото и прехрамбената индустрија, но и во нови сфери како фармацијата, интелектуалните услуги, информациските технологии и слично. Додатно, државата мора да наоѓа начини да обезбеди пристап до ефтини кредити за развојни инфраструктурни проекти и да привлече стратешки инвестиции во технолошки софистицинрани гранки. За ова е потребна сеопфатна оперативна стратегија, која ќе инволвира лобирање, маркетинг и нудење на наша политичка поддршка на глобалната сцена за економска корист.

Клучен фактор за внатрешен развој на било која сфера на едно општество е пристапот до знаење и технологија. Нашата држава треба да се залага за што поголем број на студентско-научни размени и пристап до технологија во напредни сектори од економијата и науката. Во принцип ова се сведува на две работи. Прво, лобирање кај странските држави за одвојување на што поголем број на фондови за помош на нашите млади карди и научници и отворање на вратите на тие млади луѓе во најсилните образовни институции, компании или политичко-административни организации. Втората страна на паричката е систематско селектирање и форсирање на младите луѓе да тргнат по тие позиции, затоа што во моментов и постоечките можности кои што стојат на располагање не се целосно искористени, што поради недостаток на информации, што поради неспособност за справување со процесите на доаѓање до нив.

Формални структури за спроведување

Ниту една политика не може да биде реализирана од страна на една моќна индивидуа, без разлика на која функција таа се наоѓа. За тоа е потребна обучена и дисциплинирана структура, која долгорочно ќе ги реализира целите кои што ги диктира државниот интерес. Тоа не смее да зависи од моменталната политика на една или друга власт.

Нормално, во оваа сфера, значајно е постоењето на професионално и екстремно агилно министерство за надворешни работи. Експертите и дипломатите целата своја кариера треба да ја посветуваат на учење и разбирање на одредена држава, регион, меѓународна организација. Тие треба и тематски да се специјализираат во познавање на светските и регионално релевантните јазици, преговори, економска дипломатија, култура, ПР и сл. Дипломатите особено мора да бидат наоружани со алатки за отворање на пазари и создавање на партнерства за нашите извозници. Несомнено, за се ова требаат многу пари. Но, сигурен сум дека државата има простор каде може да ги скрати своите трошоци и истите да ги пренасочи средствата во нешто продуктивно.

Предходниот пасус не смее да не наведе да заборавиме дека надворешната политика е многу пошироко поле од дипломатијата. За остварување на надворешно-политичките цели на државата мора да се инволвираат многу повеќе институции. Тука се пред се безбедносните структури, кои што преку нивната инвовлираност во соработката со други држави – без разлика дали тоа е во однос на заедничка борба против криминалот и тероризмот или преку интервенција во трети држави – можат да се доближат до влијателни фактори, кои треба да бидат предмет на убедување дека нашата држава е важна со одржување на регионалниот безбедносен поредок. Додатно, овие структури можат и лесно да доаѓаат до информации што можат да бидат од корист за носење не само на политички, туку и на економски одлуки.

Неформални актери

Неформалните актери, без било каква државна функција, често можат да бидат повлијателни од некој државен службеник или политички функционер. Специфична улога можат да имаат и нашите врвни спортисти и уметници. Тие – покрај тоа што тие со нивната способност и талент го воздигнуваат јавниот углед на државата – лесно можат да влезат во повисоките кругови на странските општества. Така тие можат да остварат пријателски односи со политичари, бизнисмени и други влијателни индивидуи, при што ќе ги презентираат нашите ставови и интереси, на еден начин што ќе биде многу поприфатлив од класичниот. Зарем е полесно да се верува на некој фудбалер кој не разбира политика и на една оперска пеачка која е заинтересирана само за уметност или на некој калкулантски политичар или трениран дипломат? Одговорот е очигледен, па затоа државата мора активно да инвестира во нивниот развој и квалитет, како тие би достигнувале се повискоки врвови на светската сцена. Следствено на тоа, спортот и уметноста не се само нешто кое што треба да не забавува или да не прави да се чуствуваме горди, туку е и национален стратешки интерес од кој што може да имаме реални материјални придобивки.

Во овој дел не може а да не се спомне дијаспората, која што успешните нации ја користат како силен инструмент за остварување на економски и политички цели. Иселеници кои се добро интегирани во други држави можат и особено да допринесат за воспоставување на трговски односи, наоѓање финансии и капитал, како и носење странски инвестиции во нашата држава. Во однос на политичките цели, нашата држава треба да работи со организации за иселеници, кои покрај гаењето на националниот идентитет, треба да се занимаваат и со организирање во самосвесни политички групи, кои што ќе се интегрираат во тамошните институции и политички партии. Така, тие би можеле да влијаат врз политичкиот курс на државите во кои што се наоѓаат.

Критичарите на нашата дијаспора и сите што се сомневаат во профитабилноста на оваа политика, треба да го погледнат начинот на организирање на грчката дијаспора во САД. Тие имаат видни лидери во автомобилската индустрија, банките, медицината, имаат советници на претседатели, дипломати, гувернери, а само на последните избори овој ноември тие имаат добиено шест конгресмени. Во вакви работи е разликата меѓу нивната и нашата позиција, а не каква правда, право или пресуда.

Супер-тело

Очигледно повеќето разноразни хоризонтално поставени формални и неформални играчи навидум создава хаос и непредвидливост. Затоа, треба да постои едно супер-тело, кое ќе поставува приоритети, ќе дефинира тактики и ќе ги насочува и координира дејствијата на разните актери. Со тоа ќе се создаде и воспостави вертикална контрола и ќе се елиминира ризикот од водење различна политика и хаос. Тоа тело треба да е составено од мал и динамичен персонал, како и да има широки ингеренции. Најдобро би било да биде водено од фигура со статус на вице-премиер, кој ќе ја контролира и координира работата на телата за дипломатија, одбрана, трговска и инвестициона политика, дијаспора, надворешно-политички аспекти на културата и спортот.

Најава: Организација на приоритети

Нормално интензитетот на односите не може со секоја индивидуална држава да биде на исто ниво на интензитет. Тоа би чинело премногу. Исто така, би било бесцелно затоа што не со сите држави имаме заеднички интереси во сите сфери. За крај, вреди да се напомене дека соработката со една држава може да донесе до конфликт со друга. Следствено на тоа, со одредени држави односите ќе бидат со најголем интензитет на секое поле. Со други, ќе бидат високи во една сфера како на пример економијата и технологијата, а ниски во други сфери. Со трети држави пак ќе имаме минимални односи, па соработката ќе се концентрира само на трговска размена.
Во секој случај, важно е со секоја држава и регион да имаме барем минимално ниво на контакт. За жал, денеска со огромни региони нашата држава нема никаков или само мининален организиран контакт. Тука се големи делови од Централна Азија, Јужна Америка, а особено Африка. Но за длабочината и ширината на соработка со големите и регионалните сили и клучните региони во светот повеќе во наредниот текст.

Авторот е магистер по меѓународно право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори.

ДЕЛ I

ДЕЛ II

ДЕЛ III

ДЕЛ V