Претходниот текст имаше за цел да прикаже еден нацрт на внатрешните механизмите, кои што нашата држава треба да ги создаде со цел да има фактички капацитет воопшто да настапува на Глобалната Арена. Тие механизми сепак мораат да се користат во шареноликиот и турбулентен свет на XXI век. Затоа, овој текст е исклучиво наменет на геостратешкиот релјеф на кој ќе треба да оперираме и – поради обемноста на материјата – нема да се осврнува на нашето позиционирање во него. Тоа ќе биде резервирано за следниот текст.
ВЕК НА ТЕКТОНСКИТЕ ПРОМЕНИ
Нашата и следната генерација ќе живеат во век на длабоко редефинирање во економска, технолошка и политичка смисла. Ќе посведочиме на една геополитичка тектонска промена односно на конечниот крај на евро-централниот светски поредок. Најдобра илустрирација на ова е фактот што после неколку векови апсолутна трговска доминација на Атлантикот, неговото значење во 1989 година беше израмнето со тоа на Пацификот. Следствено на тоа, вековната опсесија со Северната Европска Рамнина и Босфорот, ќе биде избалансирана со интересите кај протоците во југоисточна Азија – кои се порта помеѓу Индискиот и Тихиот Океан – како и рељефите на Средниот Исток, преку кои се добива пристап до повеќе мориња и океани.
Друга клучна карактеристика на XXI век е тоа што многу народи, држави и региони кои немале самостојно влијание врз развојот на историјата – најчесто затоа што помеѓу 1498 година и втората половина на дваесеттиот век биле колонии и немале свои институции – конечно од статични објекти на историјата ќе станат активни протагонисти. Ќе постојат и неколку воскреснати империи како Турција и Јапонија. Секако нема да ги заборавиме за брзо време и западно-европските држави, чијашто декаденција ќе биде долга, благодарение на повеќе-вековната акумулација на материјален и општествен капитал преку колонијалните империи.
Сепак светот во најголема мера ќе биде дефиниран од внатрешните случувања и меѓусебната интеракција на одредени држави-континенти, кои поради располагањето со доволно големи популации, ресурси и територија, имаат капацитет да бидат самоодржливи цивилизации. Истовремено, нивното ниво на економски, научен и културолошки развој им приуштува капацитет да проектираат тврда сила, но и мека моќ во форма на извоз на култура.
ЕДЕН ХЕГЕМОН
Како наследство од претходниот период, ќе продолжиме да живееме во Pax Americana – глобален светски поредок креиран и гарантиран од САД. Оваа држава-цивилизација ќе продолжи да биде доминантна сила во економска, технолошка, воено-политичка и културолошка смисла. За разлика од другите високо развиени држави САД не се соочува со ниски стапки на раст или демографски проблеми. За разлика од новите потенцијални сили, таа е релативно хомогена држава што има силен национален идентитет, стабилни институции, како и екстремно поволна географска позиција.
За нејзината географската позиција, George Friedman – основачот на геостратешкиот институт Stratford – вели дека САД е остров меѓу двете светски мориња – Пацифкикот и Атлантикот. Таа е единствена сила со сериозно воено присуство во двете “мориња“, каде што со нејзината моќна воена флота ја гарантира слободата на морињата и сигурноста на клучните протоци. Со оглед дека над 90% од светската трговска размена се одвива по морски пат, од оваа доминација зависи глобалната трговија, па така крах на САД значи и крај на светот каков што го познаваме. За да се добие целата слика, на ова треба да се додаде софистицираната воена индустрија, мрежата на алијанси од кои НАТО е само една, како и неоспорливата доминација на копното и воздухот дефинирана преку и 450.000 војници во 800 воени бази во над 70 држави.
Економски, нејзината моќ не се сведува на големината на БДП-то, туку на глобалното влијание на Wall Street и Federal Reserves системот. Ова е многу добро илустрирано со изреката која произлезе од финансиската криза во 2008 година: “Кога Америка ќе кивне, светот фаќа грип”. Само мало зголемување на каматата на долгорочните државни обврзници на САД, може преку ноќ да ги уништи валутите на економиите во развој и да ги здроби нивните економии.
Од научно-технолошки аспект, нејзините универзитети ги доминираат листите за најдобри во секое поле, а нејзините корпорации се водечки во исфрлање на нови бизнис концепти и технологија. За добро или лошо, културолошки, таа дефинира, што слушаме, гледаме, јадеме односно какви се нашите вредности, чувства за убаво или грдо и правилно и погрешно. Некој ќе каже дека тоа е така затоа што таа ги превзема најподготвените од целиот свет. Но тука лежи уште една карактеристика на нејзината моќ т.е. брзо да ги претопува доселениците и нивните идентитети во нејзината култура.
СТАР ИЛИ НОВ, НО СЕПАК ЏИН
Lucian Pye – можеби најпознатиот синолог во светот – вели дека “Кина е цивилизација која се преправа дека е држава”. Таа е единствената друга сила која што има потенцијал да парира на САД. Нејзината софистицирана култура стара 5.000 години, е атрактивна за превземање и извоз, па веќе има значајно влијание во светот. Нејзината економија, поради самата големина и поради нејзината интернационализираност и преплетеност со другите – претставува огромен фактор и „преддетерминта“ за иднината на глобализацијата. Покрај тоа, технолошкиот развој на Кина забрзано се движи према паритет со западните земји, што поради традицијата на образование и наука, засилени со вртоглави реформи, што поради капацитетот да се превзема од западните земји и компании.
Кина има големи – и можеби скриениамбиции на глобалната сцена. Тоа се манифестира преку Новиот Пат на Свилата, масовните превземања на компании и градење и купување на стратешка инфраструктура. Поради огромниот суфицит на капитал, таа се јавува како огромен извозник на истиот, посебно према државите во развој. Така на пример, во 2010 година политичките Ексим Банка и Кинеската Банка за Развој потпишале договори за извоз на кредити во висина од над 110 билиони долари – повеќе од Светска Банка или сите Г-7 држави заедно.
Големината на нејзината територија и ресурси е мултиплицирана од една институција, која ги побива сите закони на конвенционалната политикологија. Тоа е Комунистичката Партија на Кина. Таа демонстрира концентрација на моќ, поголема од било кој друг еднопартиски систем, но притоа не покажува знаци на стагнација, ригидност или непотизам, туку напротив флексибилност, креативност и меритократија. Дали тајната формула се традицонално вградените конфучијанистички вредности или нешто друго, за жал е вон рамките на овој текст.
Горенаведената карактеристика на кинескиот систем и дава една предност, која според еден влијателен кинески политички теоретичар – Hun Li – ќе биде клучна карактеристика на успешните мали или големи земји во XXI век. Тоа е капацитетот на еден систем континуирано да се реформира. Во последните скоро 75 години, Кина покажа таков капацитет, кој што никогаш не е виден во историјата на светот. Не постојат индиции дека тој тренд ќе се промени.
БОЛНИОТ ЧОВЕК И ГОРКИТЕ ЛЕКОВИ
Евро-центричниот светски поредок започна во „Времето на Откритијата“ на самиот крај на петнаесетиот век, но смртно беше ранет со двете катастрофални светски војни и губењето на колонијалните империи. Расцепканоста на политичката мапа, трошоците на социјалната држава и се помалото економско значење ќе ја поместат Европа од центар на светот во позицијата на еден од многуте полуострови на Евроазија. Дури и една Германија или една Франција, сами по себе на глобално ниво не значат многу во економска, ниту во воена, ниту во културолошка смисла.
Единствениот спас за овдешните нации и култури се наоѓа во една силна Европска Унија. Таа би морала да има јаки централни институции со кои ќе го креира внатрешниот поредок, унифицирана надворешна политика за да се факторизира на глобалната сцена, како и сопствена војска која ќе може да се користи во двете насоки. Со цел таа концентрација да постои, потребно е централните институции да имаат легимитет кај широките народни маси. Главна пречка за тоа е национализмот и државата нација, која што е исклучиво европски концепт од 1648 година па навака.
За да се елиминира оваа пречка, ќе треба да се разводнат силните и длабоковкоренети национални идентитети на овдешните народи, со тоа што ќе бидат поделени помеѓу два идентитета. Тие веќе постојат – дури некој ќе рече предходат на националните идентитети – но треба да се засилат. Поопштиот од двата е еден пан-европски идентитет во духот на јуде-христијанската традиција, како и секуларните концепти на западната филизофско-политичка мисла. Поспецифичниот е регионалниот идентитет – како на пример тие на Баварија, Каталонија, Бохемија или Прибалтичкиот, Ломбардскиот, Балканскиот и Моравскиот – кој некогаш ќе биде поопширен, а некогаш потесен од националниот.
Демографските притисоци веќе ја ставаат Европа во опасната дилема да остане без работна сила или да посегне по увоз на истата од региони со култури непомирливи со западната – како арапскиот ислам или суб-сахарските култури. Со оглед дека мора да биде отворена, Европа треба да има сериозен одговор на ризикот од создавање џебови на неинтегрирано мигрантско население и евентуално негов развој во кохезивна политичка сила. Одговорот е програма за асимилација на мигрантското население во пан-европскиот и локалните идентитети. Механизам за ова е ригорозна државна интервенција во форма на образование, пропаганда, планирано населување и контрола на влијанието што доаѓа од надворешни фактори. Една посебно важна точка во овој дел е развивање на европска форма на ислам, за разлика од арапската, турската, малајската или иранската верзија. Истовремено, автохтоното население ќе мора да го релаксира и отвори својот ригиден идентитет со цел да биде поотворен према нови и различни луѓе.
Повеќе од јасно е дека наведеното е екстремно тешко остварливо. Но дури и да не се оствари, моменталната Европска Унија иако нема политичко-воена моќ, таа е најголемата економија во светот со популација од над половина милијарда луѓе, која што е во просек најдобро развиената во светот. Нашето членство во нејзе, нема да ни даде само пристап до пазари, технологија и стабилност, туку и место на масите каде што се носат важни одлуки за светската политика, па со тоа и влијание диспропорционално на нашата реална моќ. Колку и да е безнадежна Европа, таа е наша единствена надеж.
СВЕТСКА ИЛИ РЕГИОНАЛНА СИЛА
Некои би ја вклучиле и Русија во кошот на светски сили, но ваквата карактеризација на долг рок ќе биде ставена под сериозен знак прашалник поради непостоењето на пазарна економија, зависноста од извоз базични ресурси, демографската катастрофа и турбулентноста на трансферот на власт кој постои во секој автократски систем.
Многу е веројатно дека ќе имаме слична ситуација како таа по 1989-тата година кадешто го видовме распадот на источниот блок, под контрола на СССР т.е. Руската Империја во нејзин најголем историски обем, но под друго име. Тогаш крахираше Комунистичката Партија, која преку својата номенклатура произведуваше лидери и имаше каков таков систем на наследување. Во системот на Путин, не постои сериозна партиска инфраструктура или силен наследник кој ќе го надживее. Неговиот крај ќе значи и крај на системот, почеток на целиот хаос што произлегува од тоа. Типичен циклус, познат за секој што барем површно ја познава Руската историја.
Дали и како Русија ќе го преживее ова е невозможно да се предвиди. Но и во најлошото за неа сценарио, таа сепак ќе остане влијателен играч во словенско-православната сфера од светот, значаен сеф на воено-индустриска технологија и секако неограничен извор на култура. Оваа врска не може да се занемарува.
СИЛИ И РЕГИОНИ НА КОИ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ГЛЕДА
Покрај големите центри на моќ, ќе има и сили кои што ќе бидат од исклучиво важно регионално значење за нас. Една од нив е секако Германија. Таа е политичко-финансиски столб на Европската Унија, каде што ние целиме да влеземе. Додатно, таа има особено голем интерес во нашиот регион. Прво, како извор на работна сила, простор за инвестирање и пазар за нејзините производи. Друго, нестабилноста, сигурноста и организираниот криминал во нашиот регион, поради географската близина имаат директно и силно влијание врз нејзините домашни работи, па така таа е скоро приморана да вложува во развојот и просперитетот на нашиот регион.
На тлото на Европа, постои една потенцијална сила, значајна за нашиот регион, а за која што ретко се зборува. Тоа е Полска, која со нејзината голема популација и брзо растечка економија има потенцијал да се јави како лидер на еден централно-европски блок, во духот на идејата за Intermarium на полскиот државник Józef Piłsudski. Оваа улога е поддржана од САД, која што ваквиот блок може да го користи како блокатор на евентуална Руска или Турска експанзија, но и како балансер на моќта на Германија. Контурите на овој процес се веќе видливи со големото полско и унгарското влијание во Украина, военото присуство на САД, како и жестокиот но инклузивен полски национализам.
Последното не води и до Турција. Таа во раните деведесетти ја напушта западна траекторија на која што ја постави Ататурк, за сметка на тоа што некои го нарекуваат нео-отоманизам. Тоа не значи освојување на старите територии, туку влијание преку културните врски, идеата за калифат и турскиот јазик. Полека но сигурно, Турција се позиционира како лидер во Исламскиот Свет. Таа има легитимитетски предиспозиции за тоа – била седиште на калифатот, има умерена и широко прифатлива верзија на сунитски ислам, за разлика од Иран. Тука се и материјалните основи – како стабилна економија независна од извоз на ресурси, силен национален идентитет и институции кои не зависат од моќта на племе, царско семејство или секта – кои што не се карактеристика на Саудиска Арабија или Египет. Оваа сила веќе се надзира преку фактот што многу исламски народи, како Палестинците или Ујгурите во неа гледаат спасител, додека незината развојна агенција TIKA и инстутитот Yunuz Emre ги патентираат институциите и политичките елити во Централна Азија, која е доминирана од турски народи.
За крај, не може да не се спомнат одредени држави и региони, кои што нема директно да ги тангираат нашите политички процеси, но се интересни поради големината на нивните пазари. Тука е Индија, која што се очекува да ја претекне Кина во бројот на жители, но под палката на хинду-националистите несомнено ќе има и се поголемо политичко значење во светот. Африка, каде во 2016 година се наоѓаат 7 од 10-те најбрзо растечки економии, ќе станува се поголем, но неосвоен пазар. Mора да се спомне Југо-источна Азија. Тој регион содржи скоро 700 милиони луѓе, брзорастечки економии, кои се со се поголема куповна моќ, во чие географско на кој се наоѓа Индонезија – држава со скоро 250 милиони жители. Ние мора да имаме отворена врата кај сите нив.
СИСТЕМАТИЗИРАЊЕ НА КАКОФОНИЈАТА
Сите овие играчи ќе ги остваруваат своите интереси преку конфликти и континуирано променливи сојузништва. Секој против секого и секој со секого. Ова неизбежно ќе води до тоа меѓународната политика да биде деидеологизирана, па следствено на тоа и многу порационална. Ова површно ќе прави светот да изгледа потурбулентен, но во реалноста воените судири ќе бидат концентирани само во одредени критични точки, на каква за жал се наоѓаме ние. Следствено на тоа, ќе биде намален ризикот за катастрофални војни како тие од претходниот век или катаклизмични сценарија кои постојат во биполарни поредоци како тој на Студената Војна. Финалниот резултат ќе наликува на поредокот во Европа во XVIII и XIX век, каде што паралела на континуираната војна и менување на сојузници била огромната отвореност за размена на идеи, трговија и миграција.
За тоа кои се клучните цели на нашата држава во овој хаос и какви односи со кого треба да гради, повеќе во наредниот текст.
Авторот е магистер по меѓународно право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори.