Чесни вериги на Светиот апостол Петар
Овој ден се споменува заради веригите во коишто беше окован од беззакониот Ирод и кои при појавата на ангелот во затворот паднаа од него (Дела 12, 7). Овие вериги христијаните ги чуваа колку заради споменот на великиот апостол толку и заради нивната исцелителна моќ, зашто мнозина болни се исцелуваа допирајќи се до нив (како од ризата на апостолот Павле; Дела 19, 12). Ерусалимскиот патријарх Св. Јувенал овие вериги ѝ ги даде на царицата Евдокија, прогонетата жена на царот Теодосиј Помладиот, а таа ги преполови и едната половина ѝ ја испрати на црквата на Светите апостоли во Цариград, а другата на својата ќерка, царицата Евдоксија, жената на Валентијан во Рим. Евдоксија му изгради црква на Св. апостол Петар и во неа ги положи овие вериги заедно со оние во коишто апостолот беше окован пред да најде смрт од царот Нерон.
Светите маченици Певсип, Елевсип, Малевсип и нивната баба Леонила
Пострадаа за Христа во времето на царот Марко Аврелиј (161 г. – 180 г.) во Франција. Тие беа тројца близнаци. Најпрво христијанка беше само Леонила, а нејзините внуци без незнабожци. После долги советувања од страна на благочестивата Леонила и од месниот свештеник, овие тројца браќа се крстија. Откако се крстија почнаа да ревнуваат за својата вера со сиот младешки жар и во таа ревност појдоа и ги испокршија сите идоли по целата околина. Обвинети и изведени на суд тие го признаа своето дело и јавно ја исповедаа својата вера во Христа. Судијата ги фрли во затвор, па ја повика нивната баба Леонила и ја упати и таа да оди во затворот за да ги посоветува нејзините внуци да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите. Леонила молчешкум појде во затворот и наместо да ги советува внуците да се одречат од вистинската вера, таа почна да ги храбри да не се колебаат да истраат докрај во маките и да умрат за Христа. Кога судијата повторно ги испита и ја виде нивната уште и засилена непоколебливост во верата, ги осуди на срмт. Сите тројца беа најнапред обесени на едно дрво на кое висеа „како жици на гусле“, потоа ги биеја и најпосле ги изгореа. Една жена, Јовила, восхитена од нивната храброст повика: „И јас сум христијанка!“ Веднаш ја фатија и заедно со старицата Леонила ги убија со меч.
Преподобниот маченик Дамаскин Габровски
Се подвизуваше во Хилендар, каде што стана и игумен. Кога на некои Турци им го побара манастирскиот долг, овие наговорија една жена муслиманка и таа влезе во куќата кај што живееше Дамаскин. Тогаш Турците влегоа и ја најдоа жената, па го одвлечкаа Дамаскин кај кадијата. Таму му беше предложено или да биде обесен или да се потурчи, на што тој одлучно рече: „Би била лудост кога со привремениот живот би си купувал вечна погибел“. Го обесија во 1777 година во Свиштово. Го жртвуваше телото за да си ја спаси душата. Неговите убијци веднаш ги постигна Божја казна. Седнаа на чун да се превезат преку Дунав, но ненадејна бура им го преврте чунот и се удавија.
Преподобен Ромил
Преподобен Ромилоден во Видин. Ученик на Св. Григориј Синаит. Се подвизуваше во неколку манастири. Во Раваница заедно со него беше и Константин Цамблак. Таму Св. Ромил се упокои во Господ околу 1375 г