Денес е голем празник – Иванден: Еве што треба да направите

ИЗВОРНов Лист
|

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар)денес е 24 јуни, односно раѓање на св. Јован Крстител – Иванден. На свети Јован Крстител црквата му посвети неколку празници, и тоа не случајно. Овој светител беше наречен најголем меѓу родените од жена, со што е потврдено неговото посебно место во човечката историја. Тој, заедно со пресветата Дева која ни го роди Бога е врската на стариот и новиот свет, врската на Стариот и Новиот завет.

Раѓање на Свети Јован Крстител (Иванден)

Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета ѝ била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован“. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината. Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе „рутишчата“, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници“. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.